-Ова што се случи денес, е дрзок обид на власта да го спречи објавувањето на сето она што го прават токму тие, а претставува доказ за газење на Уставот и законите во Република Македонија, токму од страна на Никола Груевски и неколку поединци околу него.- изјави лидерот на опозциската СДСМ Зоран Заев, на прес конференцијата одржана во седиштето на партијата вечерва во Скопје, а по повод поднесувањето на кривична пријава против него и уште три лица за шпиунирање, уцена на високи државни службеници и обид за насилна промена на власта.
-Никола Груевски со заканата за судски процес против мене, нема да го спречи објавувањето на доказите, за тоа што оваа власт и го прави на Република Македонија. Никола Груевски и неколку поединци околу него и нивните партиски тајни служби, во изминативе години на власт следеле илјадници граѓани на Република Македонија, нарушувајки ја нивната приватност и професионален ангажман.-рече Заев.
Тој најави дека доказите и аргументите за, како што рече „незаконските и неуставните активности на власта“, биле добиени од загрижени граѓани за слободата и демократијата во Република Македонија.
-Вистината е дека доказите што ги поседуваме, се добиени од службите во Република Македонија под контрола на Груевски и неколку поединци околу него, што е уште еден доказ дека системот на контрола на ВМРО-ДПМНЕ се распаѓа. Во Македонија има чесни и одговорни луѓе кои си ја сакаат сопствената земја. Патриоти, граѓани на оваа земја. Лага е тоа што го вели Груевски, дека сум го уценувал. Јас никогаш никого, ниту сум уценувал, ниту ќе уценувам. На Никола Груевски јасно и прецизно му кажав дека поседуваме докази за неговото криминално владеење, а на цела Македонија и ветив дека никој нема право вистината да ја сокрие од граѓаните на нашата татковина. – истакна Заев.
Тој рече дека вистината ќе се дознае од почеток до кра, додавајќи дека ниту тој, ниту СДСМ, ниту некој од опозицијата ги крши Уставот и законите во државата.
– Уставот и законите ги крши власта на Никола Груевски и поединци околу него. И затоа една порака и до членовите и симпатизерите и на ВМРО ДПМНЕ. Не брзајте, узурпирана ви е и партијата! Не брзајте, за поединци се работи! И сите вие сте таргет помеѓу илјадниците граѓани! Во периодот што следува, јавноста ќе биде запознаена со сите докази што ги имаме. Ќе им покажеме на граѓаните како власта ја уништува Македонија. Почитувани граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други, ова не е само моја битка, ова е наша и заедничка одговорност да ја ослободиме Македонија од ова што и се случува. – изјави Заев.
Тој уште истакна дека постои целосна спрега помеѓу МВР, обвинителството и судството и ја повика меѓународната заедница внимателно да го следи и соодветно да реагира во целиот процес, поради тоа што се работи за слободата и демократијата на земја членка на Обедниетите нации и земја кандидатка за членство во ЕУ.
OhridNews











