Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, вечерва имаше свое обраќање на свеченоста по повод одбележувањето на Денот на албанската азбука која се одржа во Битола, градот во кој пред 109 години, албанските интелектуалци го стандардизираа албанскиот јазик.
– Со чествувањето на Денот на албанската азбука ја потврдуваме заедничката определба за почитување и за унапредување на етничката и културната разноличност, односно богатството на Република Македонија. Писмото и говорот се во основата на националниот идентитет, а нивните специфичности и особености се вткаени како карактеристични нишки на културната посебност. Но, во исто време, секој говор и писмо, во себе ја кријат и потребата да не бидат изолирани и самодоволни, туку да воспоставуваат комуникација за разбирање, толеранција и соживот со другите. – рече премиерот Заев.
Тој истакна дека Македонија гради едно и единствено, општество еднакво за сите.
-Градиме граѓанско општество, истовремено со почит кон етничките, националните, верските и културните разлики. Тоа е посебноста и суштината на нашето заедништво кое се градеше со векови, што претставува обврска за нашата заедничка иднина. Затоа сме горди, и затоа етничката и јазичната разноличност ги сметаме за наша предност. За наше заедничко богатство. Затоа велиме: Кога денеска го одбележуваме и славиме Денот на албанската азбука, заеднички го прославуваме и постоењето и зближувањето на две културни традиции кои опстојувале заедно со векови. – додаде Заев.
Премиерот истакна дека моделот за иднината започнува со почитувањето на сите заедници кои треба да градат општество во кое културите ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат.
OhridNews