Синоќа во Тетово лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, имаа заедничка средба, непосредно пред вториот изборен круг од локалните избори што е клучен за албанскиот кампус, јавува „Макфакс“. Средбата беше доцна попладнето и таа е дел од изборната кампања која СДСМ и ДУИ ја водат заеднички.

Фер, демократски и кристално чисти избори в недела, исто како што беа во првиот круг, беше пораката од 40 минутната средба.

Заев и Ахмети не одговорија дали на маса се најдоа и односите со третиот владин партнер, Зијадин Села. Заев само кусо порача дека локалните избори се различни од парламентарните, но дека Села за својата коалиција ќе одговара пред гласачите.

– Ние разговаравме како да се погрижиме, пред се како власт, изборите да бидат регуларни, фер, демократски и слободни. Тоа е приоритетот на сите. Навистина не навлегуваме во коалициите, иако имаме поприлично незгодна состојба, со еден од коалиционите партнери. Тоа е негово право, локални избори се. Локалните избори се различни од парламентарните избори, и оставаме секој на својата одговорност. Нашата коалиција, како што реков, ја објавивме уште пред изборите. Во првиот изборен круг гледате дека оставивме во Струга, во Гостивар граѓаните да го кажат својот правец. Еве ги кандидатите во вториот изборен круг. Господиот Зијадин Села одлучи да влезе во коалиција со Беса, го гледам некаде и со ВМРО-ДПМНЕ, тоа е негово право. Секако, тој си носи одговорност и пред своите гласачи. Ние тоа што го направивме е уште пред самата кампања, стоиме на тоа транспарентно, отворено, затоа што веруваме во заедничката иднина, пред се, за сите граѓани на Република Македонија, а секако веруваме и во она што ја чека Република Македонија. Време на сериозни одлуки, време на сплотеност, време на единство и време на работење во интерес на сите граѓани – нагласи Заев.

На средбата беше и кандидадот за градоначалник на Тетово од ДУИ, Теута Арифи, како и пратениците Артан Груби и Џеват Адеми и шефофите на изборните штабови на ДУИ и СДСМ, Фатмир Бесими и Миле Зечевиќ.

OhridNews
извор: „Макфакс“