Власта не гледа потреба за средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за недоразбирањата со Бугарија. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека доколку на премиерот Зоран Заев му било важно државата да тргне напред, ќе прифател лидерска средба и ќе разговарал за сите отворени прашања.
Не гледам потреба од лидерска средба. Особено со човек кој нема став за ниту едно важно, национално или стратешко прашање. Мицкоски не е за договор на која било тема, тој бара начин само како да и наштети на државата, особено на процесите кои не водат кон ЕУ, изјави вчера премиерот Заев.

Со нашиот сосед, Бугарија, имаме Договор за соработка и добрососедство, кој патем е потпишан и на македонски јазик. Очекуваме во духот на овој Договор, да продолжиме заеднички да ги градиме односите. За темите кои произлегуваат од Договорот изразуваме волја да ги решаваме преку работата на комисиите кои имаат надлежност за тоа, изјави Кузеска.

Очекувано беше Зоран Заев да ја одбие иницијативата на претседателот Мицкоски за лидерска средба каде што ќе се разговара за сите важни прашања во државата, бидејќи ќе мора да признае дека Владата и Заев се поразени на сите полиња, надворешен план, здравство, економија, образование, корупција и се останато, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сакам да ја посетам Бугарија и не го кријам тоа што е моја желба, првата моја официјална посета од соседните земји да биде Република Бугарија заради пријателството, заради тоа што првиот мандат почна така и верувам дека големи успеси на државата се прокнижија во целиот овој период и верувам дека тоа ќе се случи, потенцира Заев, кој нагласува дека кога ќе има излезни решенија со Бугарија веднаш ќе бидат соопштени.
OhridNews












