Бетонот на ВМРО-ДПМНЕ се распадна. За да го покријат срамот од серијата порази, за да го смират гневот на членовите коишто ги лажеа и се уште ги лажат, вчера донесоа уште една еднострана одлука без било каква согласност на опозицијата. Да нема дилеми. Враќањето на старата Влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е одлука без согласност на опозицијата. Сите еднострани одлуки коишто ги донесоа досега сами ги погазија, рече на денешната прес конференција претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

– Ние немаме дилеми. Едностраната одкука да ја вратат старата Влада исто така сами ќе ја погазат. Денеска, пратениците на опозицијата нема да присуствуваат на седницата на Собранието. Груевски, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ предлагаат закони коишто се спротивни на интересите на граѓаните, на државните интереси и на Договорот од Пржино. Повторно носат еднострани одлуки. Главната цел им е да ги спасат криминалците во своите редови. Не може да има селективно поништување на аболицијата. Не смее поништувањето на аболицијата да зависи од волјата на Ѓорге Иванов или од барањето на аболицирани поединци. Аболицијата мора да биде целосно поништена. Законот мора да важи подеднакво за сите. Граѓаните мора да бидат уверени дека секој што го прекршил законот ќе одговара. Треба да им биде јасно на сите: Нема спас ниту за аболицираниот Груевски ниту за неговото друштво, рече Заев.

Додаде дека Македонија ќе има предвремени регуларни, фер и демократски избори.

OhridNews