Никола Груевски лично ја продал Македонска банка АД Скопје, на контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефанович, познат како газда Нини, рече на денешната прес конференција претседателот на СДСМ Зоран Заев, јавува „Макфакс“.

„Преку четири офшор и две домашни компании коишто официјално поседувале 51 процент од акциите во Македонска банка, а биле под контрола на Груевски, истите акции биле продадени на газда Нини. Тоа се оф-шор фирмите Сабико Лимитед Ингланд, Аршвеј инженеринг Лимитед Ингланд, Натурал планет Лимитед Ингланд, Силвер универз Лимитед Ингланд и домашните Радио Рос Дејан и други ДОО Скопје и Еверест 2000 ДОО Скопје“, рече Заев.

Тој додаде дека официјалната сума на продажбата била преку 50.000.000 денари или, како што рече, приближно 900.000 евра според официјалните документи.

„Меѓутоа, надвор од овие официјални договори одобрени од Љубе Трпевски – тогашен гувернер на Народна банка, Никола Груевски договорил дополнителна сума од 1.500.000 евра за продажбата на Македонска банка на  газда Нини. Оваа дополнителна сума од 1.500.000 евра била исплатена на црно, во кеш на Никола Груевски“, рече Заев.

Лидерот на опозициската СДСМ нагласи дека за тоа што денеска го изнеле во јавноста поседуваат и докази.

„Во јануари 2004–та официјалните средства од преку 50.000.000 денари или приближно 900.000 евра, легнуваат на банкарските сметки на шесте фирми акционери. Потоа во рок од четири месеци, најголемиот дел од овие пари се повлечени во кеш, по налог на Никола Груевски. И за ова имаме докази. Значи, Никола Груевски се стекнал со вкупен кеш од околу 2.400.000 евра од продажбата на 51 проценти од акциите на Македонска банка“, нагласи Заев.

Според него, поради ваквиот начин на продажба, директно е оштетен буџетот на Република Македонија со сума од над 225.000 евра по основ неплатен данок на добивка.

Заев повторно побара одговор од Груевски за тоа каде завршиле 1.500.000 евра платени во кеш од газда Нини.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Заев отишол предалеку со лагите,  најавувајќи дека премиерот Груевски ќе го тужи за клевета.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од никого и никогаш нема земено никакви пари, ниту пак бил сопственик на посочените фирми. Ниту ја купувал, ниту ја продавал Македонска Банка. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ќе поднесе тужба за клевета. До сега беа толерирани безброј лаги, навреди и манипулации, но денес Зоран Заев отиде предалеку. Оваа лага е премногу и нема така лесно да помине. “  се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија изразуваат чудење како може човек што бил аболициран за криминал, да лаже и да измислува.

„Зачудени сме како човекот аболициран за криминал од над осум милиони евра и човекот кој делел огромни тендери на својот татко, чичко, братучеди, снаи, тетки се осмелува по секого да фрла со кал, да лаже и да измислува. Заев не може да разбере дека не се сите како него“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму додаваат дека Заев, со конфузната прес конференција, само сака да го прикрие срамот од изборниот пораз во неделата.

„СДСМ беше на власт во периодот за кој тој зборува, во 2003 и 2004 година, и ако имало нешто немало да толерираат, посебно знаејќи го фактот дека многу пати се обидуваа да најдат било што против Никола Груевски. Ако имало бар ситница Никола Груевски немаше да стане Премиер заради тоа што цела Влада на СДСМ се обидуваше да најде барем нешто против него. Да потсетиме дека токму во овој период за кој зборува Заев, во 2003 и 2004 година, се случуваа најголемите хајки против сите што не се СДСМ. Тогаш Хари Костов беше министер за внатрешни работи, Црвенковски  Премиер, а коалициониот партнер на Заев, Љубчо Георгиевски непосредно по овој период започна да прави расцеп во ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во реакцијата.

Од партијата на власт се прашуваат зошто баш сега му текнува на Заев да зборува и да лаже на само неколку дена од катастрофалниот пораз кој го доживеа неговата партија.

„Се гледа дека Зоран Заев и СДСМ тргнале да прават монтажи, лаги и клевети. Јасно е кој пат го фатиле. Ние им препорачуваме само да продолжат така и на 27 април ќе се соочат со реалноста и со изборниот дебакл. Зоран Заев нека продолжи да тоне во живата кал во која зацапал. Зоран Заев нека продолжи вака за да го види изборниот дебакл кој ќе му се случи на 27 април. Зоран Заев нека продолжи вака за народот да може да му го види вистинското лице полно со омраза, гнев, лаги и интриги“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

OhridNews

извор: „Макфакс“