Лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев очекува во петок меѓународната заедница да соопшти дека нема услови за одржување на фер и демократски избори на 24 април, додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски смета дека СДСМ бега и се плаши од избори, пренесува „Макфакс“.

По средбата со лидерот на БЕСА, Билал Касами, Заев изјави дека Избирачкиот список не може да се прочисти до 5 март за изборите да се одржат на 24 април.

„Сакам да го видам тој од ДИК што ќе потпише прочистен избирачки список пред 5. март, како што е по закон, сакам да го видам и тој, па и амбасадор што ќе соопшти дека може да се прочисти избирачкиот список затоа што пред фактите и боговите молчат. Апсолутно е јасно дека утре ќе се соопшти тоа што сите го знаат, дека нема ниту елементарни услови за да се одржат фер и демократски избори во Македонија“, рече Заев.

Груевски пак во обраќањето на денешната промоција на нови мерки од програмата на партијата за младите порача дека власта ќе ја победи и оваа наметната криза од СДСМ и дека СДСМ се плашат од избори.

„Нивниот главен страв е одговорот од граѓаните кои многу добро гледаат и знаат што точно се прави. Изборите ќе бидат одговор кој СДСМ ќе го добие не од ВМРО­ДПМНЕ, туку лично од граѓаните на Македонија. Тој одговор ќе биде громогласно „не“ на сите нивни манипулации, афери, закани, најави од Заев за апсење, не за јавните етикети, цензорските закани, опструкциите, подметнувањата и сплетките и големо „да“ за работа, за програма и за брз развој, за продолжување и уште поголемо забрзување на темпото на работа и реализација на тековните и многу нови проекти“, рече Груевски.

На новинарско прашање што доколку власта не се откаже од изборите во април, лидерот на СДСМ вели дека 24. април не е опција за учество на изборите на сите опозициони партии, но и на дел од партиите кои го крепеа владејачкото мнозинство.

„Тоа нема да си го дозволат ниту Груевски – ниту Ахмети од прости причина што тоа ги носи во еднонасочен правец на слепа улица, но секако јасно им е дека опозицијата нема да ги гледа едностраните избори на телевизија“, рече Заев.

Во петок се очекува меѓународната заедница да соопшти дали во Македонија се исполнети условите за фер и демократски избори на 24 април.

OhridNews