Секоја одлука која Комитетот за заштита на светско наследство ќе ја донесе ќе се почитува, истакна денеска во Охрид премиерот Зоран Заев. Тој потенцираше дека регионот бил уништуван со години наназад и сега четири години се малку за да се врати назад.

Одлуката ни беше најавена и мене и на градоначалниците на Охрид и на Струга, и тоа беше дека заштитата на Охрид ќе биде ставена под опасност. Но, благодарение на претставниците на Општина Охрид, Владата и Министерството за култура кои ги претставија аргументите од претставниците кои се во постојана дебата вчера, а и денеска навистина се менува сликата заради досега постигнатите разултати“ – рече Заев кој додаде дека мора сите инстутции да бидат ангажирани.

 

Градоначалникот Константин  Георгиески истакна дека доколку се случи да биде ставен Охридскиот регион на листата на заштитени подрачја во опасност, тоа значи оти Охрид ќе ги дуплира напорите за имплементација на препораките.

“Одлуката е на Комитетот, ние ќе ја почитуваме  и ќе работиме на враќање на регуларен статус. Доколку пак добиеме екстра две години за имплементација на препораките колку што бараме, тогаш ќе продолжиме уште поодговорно да ги имплементираме сите препораки.“ – истакна градоначалникот Константин Георгиески.

Градоначалникот апелираше до граѓаните да престанат со бесправна градба, а тие што имаат решение за рушење на градби да постапат по решението. Рушењето на дивоградбите ќе продолжи по туристичката сезона, најави Георгиески.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, вчера го одложи гласањето за статусот на Охридскиот регион поради немање консензус за тоа дали овој регион треба да се најде на листата на светско наследство во опасност. Усвојувањето на предлог- одлуката беше прекинато откако делегацијата на Норвешка изрази негодување на амандманите кои ги предложи на Босна и Херцеговина со  кои  на земјава и на Албанија им се дава дополнителен период од две години да постапат по препораките од УНЕСКО, а потоа да се одлучува дали регионот да биде ставен на листата на светско наследство во опасност.

Одлуката се очекува да биде донесена денеска.

Кристина А.