Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев упати писма до премиерите на земјите членки на Европската Унија во кое ги повикува своите колеги да поддржат одлука за старт за пристапни преговори на Република Македонија со Европската унија со временска рамка на процесот, како што се наведува во писмата, одлука заснована на заслуги, и како одлука која е одамна заслужена.

Премиерот Заев во писмото ги известува премиерите на земјите членки на ЕУ за постигнатиот Договор за решавање на разликата околу името и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу Република Македонија и Република Грција.

Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев информира во писмото и за чекорите што треба да се преземат за да се обезбеди стапувањето во сила на договорот, и ги запознава премиерите дека е веќе извршена ратификацијата на Договорот во Собранието на Република Македонија, по што следува известување од страна на Република Грција до ЕУ дека  таа го поддржува отворањето на пристапните преговори за нашата земја, како и поканата за членство во НАТО.

Заев во писмото до премиерите на земјите членки на ЕУ известува дека на есен ќе биде одржан референдум за поддршка на договорот, по што ќе следи и спроведувањето на постапката за уставни промени.

„За да се обезбеди реализацијата на договорот и потенцијалните придобивки од него за двете земји, за регионот на Југоисточна Европа и за Европа како целина, од огромно значење е политичката поддршка на земјите-членки на ЕУ, за да ја потврдат со конкретни мерки стратегиската визија за европската иднина на мојата земја и целиот регион“, истакнува во писмото Заев.

Затоа, се вели во писмото на премиерот Заев, „во пресрет на претстојниот Европски совет, ја барам вашата поддршка за одлука за почеток на пристапните преговори со Република Македонија“.

OhridNews