Официјално премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, денеска ќе престојува во работна посета на Охридско-струшкиот регион, во рамки на која ќе оствари средби со бизнис заедницата. Во друштво на министерот за транспорт и врски Сугарески, ќе ја посети германската фабрика „Костал“, а како што најави на вчерашната седница на Собранието посветена на пратенички прашања, ќе објави и крупна канадска инвестиција во Охрид. Во рамки на посетата, со почеток во 12.30 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ Заев ќе присуствува на отворената трибина „Силна економија – шанса за сите“.

Посетата на Заев на Охрид доаѓа непосредно пред распишувањето на вонредните локални избори за градоначалник по ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски. Оттаму се очекува, покрај работна, лидерот на СДСМ да има и жешка политичка агенда, дотолку повеќе што деновиве се распламти внатрепартиската битка за кандидат за градоначалник.

Во јавноста како најсериозни кандидати од редовите на владејачката СДСМ, се вртат неколку имиња, на актуелниот вршител на должност градоначалник Константин Георгиески, со кого Заев денеска ќе оствари официјална средба при посетата на локалната самоуправа, на претседателот на охридскиот огранок на партијата Лазе Танески, и на претседателката на градскиот совет Живка Ангелоска, која во разговор за OhridNews изјави дека доколку ја добие поддршката од партијата ќе го прифати предизвикот да се кандидира за градоначалник на Охрид.

-Како претседател на Советот можеби природно е да се спомнува моето име како кандидат за Градоначалник. Ги познавам надлежностите на градоначалникот, состојбата во општината, проблемите и предностите, тековните проекти, а имам и долгогодишно работно искуство во јавните претпријатија.  Сега, кога веќе директно ме прашувате, доколку јас ја добијам довербата од мојата матична партија, ќе го прифатам предизвикот. – рече Ангелоска.

И додека во владејачката партија има отворени калкулации, опозциската ВМРО ДПМНЕ се уште тактизира. Иако во јавнста можат да се чујат разни имиња, високи партиски извори нивното наметнување го сврстуваат во зона на шпекулации и себепромоција на поединци. Истите извори посочуваат дека во фокусот на партијата изминатиот период бил кандидатот за претседател на државата, кој официјално ќе биде обзнанет на партиската конвенција кон средината на месецов во Струга, по што ќе падне и одлука за кандидат за градоначалник на Охрид.

OhridNews