Во врска со најавите за даночна реформа, односно воведување на прогресивен данок од страна на министерот за финансиии Тевдовски, кој истакна дека се разгледува опција, да се воведе даночна стапка од 18 проценти за приходи над 1 000 евра, премиерот Заев истакна дека за тоа ќе се отвори дебата.
– Не треба да се плашиме од ниедна реформа, која што ќе биде исцрпена преку дебата. Дебатата, веројатно сега се отвора. Според мене, преурането, заради тоа што редот е, Министерството за финансии да излезе со податоци, да презентира, да даде доволно влезни аргументи, па да почне дебатата. Реформата на персоналниот данок на доход е владина програма и ако е владина програма таа ќе се спроведе. Ние, не сме „слепи“ имплементатори на нешто што сме ветиле или стои во некој документ. Целта е, со тоа да постигнеме ефекти и благодети за сите. Суштината е, дека сакаме правично и фер општество. Не може и тој што зима 10 000 денари плата и тој што зима 10 000 евра плата, да платат исти данок. Тоа, не е фер општество. – рече Заев.
Тој истакна дека околу пет проценти од населението во земјата се екстремно богати и редот е да платат повеќе.
-При плаќањето повеќе, државата ќе може да ја подигне социјалната помош до 12000 денари, да го воведе бесплатното болничко лекување, коешто најмногу им треба на граѓаните. Да ги мотивираме лекарите, до 100 000 денари. Тоа е филозофијата на дебатата, но притоа не смееме да дозволиме младите информатичари коишто сакаме да ги вратиме овде во државата, да ни заминат. Треба да ги мотивираме, заедно со инженерите, сите оние високо квалитетни кадри кои треба да земаат плата овде, а сите давачки на работодавачот да бидат издржливи, да не стимулираат миграции надвор од државата. Тоа ќе го овозможи само дебатата. Ние, сме отворени. Гледате, дури имаме и ставови во Владата. Тоа е слободата, не сакаме едноумие. Не, Заев кажал и сега следиме сите. Не треба така. Треба да има дебата отворена, со сите елементи, сите економисти нека се вклучат. – порача Заев.
Премиерот додаде дека освен дебата на која ќе се чујат аргументите за даночната реформа, паралелно се работи на мерки коишто ќе значат ограничување на кеш плаќањето, со цел да се анулира сивата економија.
-Паралелно со тоа, размислуваме за намалување на данокот на добивка од три проценти за компаниите од информатичката технологија, софтверскиот аспект, за да можеме дополнително да мотивираме големи компании да дојдат овде. Македонија, е едно микро подрачје, а апсолутно со клима, целосно подготвено, да биде Хаб, односно еден Центар на информатичките технологии. Се работи за пакети, јас ги гледам од тој аспект со конечна цел: нови работни места, нови инвестиции во Македонија и растење на Бруто домашното производство во државата.– истакна Заев.
OhridNews