Иако во текот на вчерашниот ден според официјалните мерења не се забележани промени во водостојот, нивото на Охридското Езеро и натаму е високо и се наоѓа на 23 до 24 сантиметри над максималната граница. Тоа ги вознемири граѓаните кои живеат непосрдно до брегот кои на смени дежураат плашејќи се дека евентуално невреме проследено со бранови ќе им ги поплави домовите. Расте и нивото на подземните води, каналот Студенчишта се излева, а делови од блатото како и други површини на крајбрежјето се под вода. Објективот на фотографот Марјан Варе викендов ја сними состојбата во охридско каде промените предизвикани од надојдената вода се очигледни.


Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи температурата во наредните денови ќе се искачи до 16 степен, што ќе предизвика топење на снегот на Јабланица, каде снежната покривка е голема, а во вторник и четврток не очекуваат нови врнежи од дожд. Наглото топење на снегот проследено со врнежи од дожд може дополнително да ја усложни ионака неповолната хидролошка состојба во охридско – струшкиот регион, сметаат хидролозите. За среќа опасност нема од Галичица која во најголем дел е варовник па водата од снегот кој се топи понира во неа, но во езерото  доаѓа вода од четириесетина реки и извори од Дебрца до Св. Наум.

OhridNews
фото: Марјан Варе