Загреб го освои третото место на петтото издание на Меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид. Во неизвесен натпревар против Тримо Требње, хрватскиот тим славеше по изведување пенали.
Регуларниот дел од натпреварот заврши нерешено 24:24, по што Загреб беше поуспешен во пенал-серијата со 5:3 и го освои третото место.
Претходно денеска се одиграа и натпреварите за петтото и седмото место. Војводина го совлада Нексе со 33:30 и турнирот го заврши на петтата позиција, додека во мечот за седмото место младата репрезентација на Египет У20 славеше над Олимпијакос со 36:33.
Завесата на петтото издание на „Крсте Андоновски“ вечерва ќе биде спуштена со македонска пресметка за трофејот меѓу ГРК Охрид и Вардар 1961.
Охрид во финалето влегува како бранител на трофејот, а против себе ќе го има актуелниот македонски првак и освојувач на Купот. Двата тима неодамна се сретнаа и во финалето на Меѓународниот ракометен турнир во Струга, каде славеше Охрид.
Г.М.











