Претседателот на ЗНМ Насер Селмани вчера во Скопје се сретна со Генералниот директор на Директоратот за проширување при Европската комисија во Брисел, Кристиан Даниелсон, кој е дојден во Македонија да се запознае со статусот околу европската агенда.

На средбата со Даниелсон, Селмани изрази загриженост за состојбата со слободата на изразувањето во Македонија. Тој предупреди дека ако владата не презема итни мерки за решавање на постојните проблеми постои голема опасност состојбата уште повеќе да се влоши.

Селмани пред директорот Даниелсон ги елаборираше причините за лошата состојба со слободата на медиумите. Според него, изворот на сите проблеми со слободата на медиумите во Македонија е начинот на кој досегашните владеачки гарнитури ја практикуваат власта кршејќи ги основните начела на македонскиот Устав, кој гарантира слобода на изразување и слободен пристап до информациите.

Тој рече дека најдобар начин Македонија да излезе од сегашната состојба е земјата во најскоро време да ги започне преговорите за членство во Европската унија. Со тоа ЕУ пред македонските граѓани ќе покаже дека искрено посакува Македонија да стане членка на ЕУ, а македонската влада ќе има можност на дело да ја покаже својата посветеност за евроинтеграцијата. Продолжувањето на статус квото има ризик уште повеќе да ја влоши состојбата со медиумите која ќе се одрази на демократскиот развој на Македонија и на нејзините евроатлански апсирации, истакна Селмани.

OhridNews