Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) воопшто не содржи негативно мислење, туку има препораки. Препораки имале сите претходни ревизорски извештаи. Службите постапуваат и ќе постапуваат согласно истите. Општина Охрид има рок од 90 дена да постапи согласно забелешките. Ова беше посочено на одржаната шеста седница на Советот на Општина Охрид на која советниците од опозицијата посочија дека забелешките се загрижувачи, а побараа и објаснување за дел од нив.

Забелешките во извештајот се навистина загрижувачи и сметам дека сите граѓани особено вие овде сте запознаени со содржината на извештајот на ДЗР. Уште позагрижувачки е фактот што ние како советници го дознаваме тоа од медиуми заедно со сите граѓани затоа што првенствено за вакви проблеми треба да се запознаени советниците, а потоа преку нас, преку јавна расправа на седница и граѓаните. Суштинско и прво прашање што се поставува дали оваа локална власт има намера да ги решава овие проблеми, а второто како ќе ги решава. Доколку овој предлог не се усвои предлагаме свикување нова седница со единствена точка на Дневен ред, разгледување на извештајот од ДЗР затоа што како советници имаме право да ја знаеме вистинската ситуација, а и обврска ни е да преземем мерки за нејзино надминување, посочи Тодороски.

Меѓутоа, она што вие сте го научиле сте го слушнале од медиумите, прво треба да го прочитате ревизорскиот извештај, да направите споредба со претходни ревизорски извештаи во Општина Охрид и ќе видите која е разликата помеѓу претходните ревизорски извештаи и овие ревизорски извештаи. Она што сакам јас да ви го пренесам и граѓаните што треба да го знаат, а не да читаат од одредени портали коишто објавуваат невистини е дека овој ревизорски извештај воопшто не содржи негативно мислење, туку има препораки. Препораки имале сите претходни ревизорски извештаи, така да и овој ревизорски извештај има препораки и истите тековно од страна на службите каде што се дадени препораки ќе бидат отстранувани. Значи, во 2021 кога Кирил Пецаков дојде за градоначалник, јас како секретар прво што направив го разгледав ревизорскиот извештај претходно. Сите тие забелешки ги поделив по сектори и ги доставив до раководителите на сектори во Општина Охрид и многу од тие забелешки кои што беа во тој период беа отстранети. Меѓутоа, сите забелешки наеднаш не можат да се поправат, рече Китески.

По однос на јавната чистота ние имаме поднесено тужби до Јавното претпријатие и дали е донесена пресуда не сум сигурен, меѓутоа можам да проверам и да ви кажам. Тоа што ние како општина требало да направиме, требало да го заштитиме интересот на општината и сме го заштитиле, без оглед на тоа што Јавното претпријатие е основано од општината, ние ги побаруваме со тужба оние пари кои што не биле исплатени претходно. По однос на јавното зеленило, исто и тоа е забелешка од ревизорскиот извештај, кон која што веднаш пристапивме и донесовме одлука на претходната седница на Советот за утврдување на надоместок. Тоа е законска обврска која што требало да биде поставена и претходно, а пак ќе повторам, вие тогаш не реагиравте, а сега сакате да добивате некои поени дополнително. Значи, тоа е законска обврска за надоместок кој што мора да стои во сметките што ги издава Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“. Апсолутно не е точно дека ние не сме ве известиле, а вие како советници имате право и имате обврска да пратите. Ревизорскиот извештај беше објавен на веб страницата веднаш откако ни беше доставен и јавноста, и вие, и сите ние сме запознаени со неговата содржина, рече Китески.
Потенцираше дека не треба да се следат насловите по одредени медиуми и портали, како што беше вчерашната информација дека бил оформен предмет во Охридското јавно обвинителство.
Таково нешто нема. Еве, одете во Јавното обвинителство и проверете дали има предмет или не. Меѓутоа, некој сака да прикаже некаква поинаква слика од она што реално е. Така да стоиме на располагање. Значи, Државниот ревизор за ревизија си има обврска да ги достави ревизорските извештаи до сите оние институции согласно закон, а ние стоиме на располагање за сè што сметаат дека е незаконско, додаде Китески.
Тодороски посочи дека во однос на надоместокот за јавно зеленило, како советничка група гласале против, а мнозинството ја донело одлука.
На граѓаните на Охрид им дадовте ново задолжение од 80 денари. Во однос на тоа дека требало да се оддели јавното зеленило од јавната чистота, верувам дека е така, меѓутоа јавната чистота ја оставивте со 50 денари не ја променивте цената, а донесовте нова ставка со 82 денари. Значи, пак истото, теретот го имаат граѓаните. Дали овој ревизорски извештај е досега најдобар? Времето ќе покаже, додаде Тодороски.

Врз основа на наводите на ревизијата беше како забелешка зошто не се наплаќа надоместок за јавно зеленило. Врз основа на тоа ние ја изменавме одлуката и на претходната седница го донесовме тој надоместок, којшто можеби не сите општини, меѓутоа поголемиот дел, посебно поголемите општини го имаат во одлуки донесени на совет утврдено тој надоместок. Па така постапивме согласно тие забелешки од ревизорскиот извештај постапивме и за ова. Од објавувањето на ревизорскиот извештај повторно, значи ние имаме 90 дена рок да постапуваме по нивните забелешки и ние фактички и пред објавувањето на ревизорскиот извештај, бидејќи веќе имавме нацрт извештај каде што ја видовме таа точка ја донесовме на претходната седница на Советот, додаде Китески.
Советничката Виолета Арамоска истакна дека во своето излагање нема да се задржи на дивограбите кои се покоплексна тема, но побара да се дообјаснат одредени препораки од извештајот кои се однесуваат на 592 илјади евра кои се префрлени на спортски клубови и друштва без учество на јавен повик.
Сакам ова да го разјасниме бидејќи во претходниот мандат колегите коишто веќе имаат втор мандат знаат дека ние сите секогаш едногласно ја поддржувавме програмата за спорт со цел да ги мотивираме младите што подолго да останат во спортот, додаде Аврамоска.
Раководителот на Секторот за спорт при Општина Охрид, Јоне Станкоски истакна дека станува збор за финасиски средства кои биле наменети за градските клубови, ракометниот, кошаркарскиот и фудбалскиот, на кои основач е општината и средствата за нив биле распределувани со одлука на Совет.
Во програмата беа предвидени финансиски средства за тие клубови. Останатите финансиски средства коишто се ставени во ставки, ако ја погледнете самата програма, и е нагласено дека тие ќе се спроведат после донесувањето на одлуката на Совет ќе се распише јавен повик со којшто ќе се распределат. Врз основа на јавен повик, повик кој што има критериуми се распределуваат. Забелешката од страна на Државниот завод за ревизија е дека и овие клубови треба да одат на јавен повик, меѓу кои беа и Охридскиот пливачки маратон од манифестациите и Фестивалот за водени спортови. Охридскиот пливачки маратон е со над триесет годишна традиција и сметавме дека треба да оди со одлука на Совет, нема потреба со јавен повик и Фестивалот којшто оттука произлезе од Општината. Меѓутоа, Државниот завод за ревизија смета дека средствата и за овие настани и клубови треба да се распределат преку јавен повик, без разлика што се градски клубови. Тука е забелешката на Државниот завод за ревизија, меѓутоа не се средства коишто се без никаква одлука. Јас сметам дека вие сте, вие сте нормативен орган, највисок орган во општина Охрид, којшто ги носи одлуките и на тој начин уште потранспарентно е кога Советот носи одлука за клубови во коишто општината има основачка улога.
Додаде дека веќе е постапено по забелешките и не се поставени во програмите, туку ќе треба да се јават на јавниот повик, па потоа комисијата да ги распредели финансиските средства.
Н.С.Ј.














