Англиската репрезентација е само дел од неколкуте европски селекции кои натпреварите на Мундијалот го завршија во групната фаза. Разочарувањето во колевката на фудбалот е големо, но бледите настапи не им оставија простор за тага на „лавовите“.


– На Англија ова и се повторува веќе неколку пати по ред, а тоа е така од нивната јака и атрактивна Премиер лига која е составена од странски ѕвезди. Репрезентацијата го плаќа цехот за таквата лига, а тоа најдобро се гледа кога селекцијата ќе истрча на теренот како да не се тие фудбалери. Рака на срце во поново време ова е најслаба репрезентација на Англија која настапила на завршницата од Светско првенство – рече тренерот на Металург, Срѓан Захариевски.

Ниту Светскиот и Европскиот првак Шпанија не се прослави на Мундијалот претрпувајќи два порази во три натпревари.

– Фудбалерите се истрошени, а не заситени. Нема фудбалер кој може да се засити од победи, а може да се истроши. Реал и Атлетико Мадрид имаа долги сезони играа во финалето од Лигата на Шампиони, а сето тоа не и одеше во прилог на „фуријата“ – додаде Захариевски.

Репрезентациите кои доѓаат од Јужно-американскиот континент се во прв план и ги засенија европските селекции.

– Од фудбалски аспект штета за Англија, Италија, Хрватска и Шпанија но тие со играта не покажаа дека заслужуваат место меѓу осминафиналистите. Јужно американците носени од домашните гледачи, а и климата од која за жалат европските фудбалери забележуваат историски успеси. Тие се гладни за репрезентативни натпревари сакаат да играат да се натпреваруваат, а кога на сево ова ќе се додаде домашниот терен станува јасно зошто јужно американците го имаат последниот збор – потенцираше популарниот „Срле“.

Лоша престава на Светското првенство во Бразил имаа и Балканските преставници Хрватска и Босна и Херцеговина кои по само три одиграни натпревари ги спакуваа куферите.

– Хрватска требаше и мораше да одигра поквлалитетно бидејќи има доста добра и искусна селекција. Наспроти нив босанците беа единствени дебитанти, а данокот го платија со наивниот пораз од Нигерија кој значеше елиминација. За нив е успех што изборија пласман на една ваква завршница – дополни „шефот“ на Металург.

Околу трката за шампион на Мундијалот во Бразил ги издвојува Аргентина домаќинот и европските Германија и Холандија.

– Мислам дека една од овие четири селекции ќе се радува на трофејот. За секој јужно американец и за Мундијалот би било најдобро финалето да е меѓу Бразил и Аргентина, но никако не смеат да се отпишат Германија и Холандија кои ќе ја браната европската чест – заврши Захариевски.

Мх.П.