Упатувањето на градежни работници за изведување на проектни договори во странство ќе се врши врз основа на претходно утврдена квота, од страна на Владата, за разлика од минатиот период кога распределбата на квотите ја вршеше Комисија.
За оваа цел од страна на Министерството за труд и социјална политика е изготвено и софтверско решение со кое се воспоставува нов систем на електронска распределба на одобрените квоти. Со него ќе се овозможи поголем увид во постапката, поголема информираност и поголема транспарентност на упатувањето на градежните работници во странство.
Заинтересираните компании кои аплицирале за добивање на работни дозволи на работници за работа во странство, имаат право да учествуваат на самиот чин на распределба на квотите, преку свој претставник. Врз основ на извршената распределба од софтверот, ќе се донесува Одлука од страна на Комисијата, составена од претставници на министерствата за труд и социјална политика, за економија, за финансии, за транспорт и врски и Стопанската Комора на Македонија. Членовите на Комисијата, се именуваат за време од една година, но не повеќе од два мандати.
Правото на упатување на работници, трговските друштва ќе имаат обврска да го искористат во рок од 60 дена по добивање на Одлуката од страна на Комисијата. Во законот е предвидена можност за одземање на ова право доколку не се запазат утврдените рокови, но и можност две или повеќе трговски друштва да го соединат добиеното право за упатување на работници, заради заеднички настап на пазарот во другата држава.