На претставката потпишана од 25 граѓански организации во врска со изградбата на хотелот во Горица – не постапила ниту едма институција на централно и локално ниво.
На ридот во Горица, на местото на некогашната борова шума макотрпно посадена од локалното население во шеесеттите години на минатиот век, забрзано се гради хотелскиот комплекс на Дивелоп Груп. Според. Според невладината Фронт 21/42 објектот се гради спротивно на законите, а обврските и забелешките на релевантните меѓународни организации како Комитетот за светско наследство при УНЕСКО и Бернската конвенција, се игнорираат.
Долгата листа на прекршувања на Законот за градење, Законот за општа управна постапка, Законот за животна средина, Законот за управување со светското наследство, Законот за инспекциски надзор, Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори, Бернската и Конвенцијата на УНЕСКО, а со тоа и на Уставот, деновиве се прошири и со прекршување на Законот за постапување по претставки и предлози, од страна на Кабинетот на премиерот, Владата и градоначалникот на Општина Охрид. Имено, ниту една од овие институции не постапи во законскиот рок по претставката со која 25 организации алармираа за беззаконието поврзано со овој хотел и побараа негово отстранување. Од Кабинетот на премиерот информираа дека претставката е проследена до Општина Охрид и МЖСПП, а од Генералниот секретаријат на Владата (во која влегува и МЖСПП) ја проследија до Општина Охрид. И премиерот и Владата целосно ги игнорираа сопствените законски обврски наведени во претставката. Од Општина Охрид, како и многу пати до сега – организациите добија молк, стои во соопштението за јавност на Фронт 21/42 и 25 други невладини организации.
Невладините им забележуваат и на пратениците, како и на вицепремиерот за добро владеење и транспарентност, кои добиле копија од претставката, но исто така не реагирале.
Случајот уште во март беше поднесен и до Државната Комисија за спречување на корупцијата – до сега и од таму нема никаква одлука. Хотелскиот комплекс во Горица се гради со свесно кршење на сите релевантни закони од страна на сите надлежни институции, стои во соопштението.
Невладините реагираат и на, како што се вели во реакцијата, уништувањето на Студенчишко блато и Националниот парк Галичица каде, според нив, продолжува изградбата на нелегални објекти, како и на планинското подрачје кај селото Рамне каде исто така се регистрирани дивоградби за кои се поднесени и кривични пријави.
За неполн месец Комитетот за светско наследство ќе расправа по трет пат за впишување на Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност. Ни останува само да се надеваме дека овој пат на членовите од Комитетот ќе им биде доста од празните изјави на нашите политичари за загриженост и посветеност кон наследството. Реалноста недвосмислено покажува дека немаат свест за вредностите на светското наследство, ниту одговорност кон идните генерации на кои безмилосно им го одземаат највредното природно и културно богатаство во земјата и им ги уништуваат сите шанси за одржлив економски развој базиран на заштита на вредностите. Можеби впишувањето во оваа листа ќе спречи една од првите населби на европската цивилизација, некогашниот културен центар на Византија, колевката на словенската писменост и светското наследство на Југославија – за секогаш да се трансформира во дувло на корупција и криминал од страна на современа Македонија, истакнуваат во реакцијата 25-те невладини организации.
Г.М.