Законот за домување кој треба да стапи на сила некаде во првата половина на август е комплетно промашување од причини што во пракса е неприменлив.

Живеам во зграда од 75 станови од кои 40 носители на станарско право, веќе 20 години не се појавиле, немаме никакви контакти и никогаш не ги подмириле обврските спрема Куќниот Совет. Нашата зграда е една од најсредените во Охрид, со убав двор, куќaрка во дворот (чардак), фонтана, мала осветена црква Св. Еразмо, заграден терен за мал фудбал и др. работи. Сето ова сами го изградивме, а сега сме доведени во ситуација да не знаеме што да правиме.

Државата, односно Законот ни дава две можности:

– Да се регистрираме како фирма за што вкупните трошоци ја надминуваат сумата од 2.000 евра, при што во потребната документација потребно е доказ за сопственост од секој носител на станарско право што нема никакви можности тоа да се обезбеди од погоре наведените причини, а да не зборуваме кои се други документи се потребни.

-Треба да се обезбеди присуство на над 51 % од сопствениците при донесувањето на потребните акти што исто така е неизводливо,

-Со средствата кои се потребни за регистрација, ќе интервенираме да ги сервисираме и одржуваме лифтовите,  во спротивно лифтовите ќе застанат, затоа што толкави ни се можностите. Ова добива на тежина бидејќи во зградата живеат стари и болни лица кои не се способни по скалите да дојдат до својот стан.

-Другата можност што ја дава Законот е да ни се одреди лице-домар кое ќе го плаќаме и само ќе го плаќаме но, дали тој ќе ја одржува зградата и околината онака како што ние ја одржуваме или само ќе доаѓа и ќе бара пари заканувајќи се дека ќе бидеме тужени.

-Во Охрид има згради само со едно или две семејства во целата зграда, како тие ќе се организираат, кој ќе ги превземе обврските за регистрација и организирање на другите активности. Дали некој мислел за тоа.

Јас пред 4-5 години од локалната самоуправа побарав да иницираат донесување на ваков закон и им доставив материјали како да се решат проблемите со празните згради во Охрид, но немаше интерес ниту некаква иницијатива. Во овај закон има доста работи кои се дел од материјалите што ги доставив, но така се извртени што не се во интерес на станарите, туку во интерес на државата која продолжува да го цеди народот.

Илија Магденоски
Бул.Туристичка
Охрид