Со непарламентарна брзина, пратеникот Артан Груби, (зло)употребувајќи ги европското знаменце и статусот на претседател на Комисијата за европски прашања, неевропски (неделовнички и во отсуство на опозицијата) го турка законот за употреба на јазиците кон гласање, велат во своето отворено писмо до пратениците и до јавноста професорките Катица Ќулавкова, Гордана Силјановска-Давкова и Симона Груевска-Маџоска, пренесува „Макфакс“.
Според нив, во прашање е лош закон од аспект на меѓуетничките односи, владеењето на правото, Охридскиот рамковен договор, деловничката процедура и европските јазични политики и номотехниката.
Професорките, наместо брзо усвојување, предлагаат итно повлекување на законот, а како причинa го наведуваат тоа што овој закон не води сметка за постоењето на Законот за употребата на македонскиот јазик, потоа опасноста со неговото донесување да се нарушат хармонијата и кохезијата на македонското мултиетничко и мултијазично општество, како и заканата да се намалат функционалноста и ефикасноста на македонската држава и нејзините органи и институции на државно и локално ниво.
Професорките потенцираат дека во мултиетничко и мултијазично општество политички и стратешки е спорно да се донесе закон со кој на национално ниво се промовира една (регионална) етничка и јазична заедница во државата (албанската), нејзините симболи и нејзиниот јазик наспроти другите јазични заедници со кои треба да се гради соживот.
„Секој граѓанин во РМ би можел да биде услужен на негово барање, а во согласност со законот на неговиот мајчин јазик, на сите нивоа, но за тоа не мора да има двојазичност во државните институции. Не се потребни јазични служби во сите општини и сите државни и други институции. Современите технологии овозможуваат ефикасна услуга од далечина по електронски пат“, се наведува во писмото.
Трите професорки исто така потенцираат дека овој закон нема врска со евроинтреграцијата на Република Македонија, ниту значи хармонизација со правото на ЕУ.
„Затоа се чудиме на молкот на ЕУ. Овој закон не е дел од пржинскиот договор, ниту е приоритетен. Овој закон не е дел од Рамковниот договор, ниту е во неговиот дух. Постои логична веројатност, доколку се донесе овој закон, радикалните промени на статусот на албанскиот јазик од локално на централно ниво да се рефлектираат врз идентитетската карта на Република Македонија во ОН“, истакнуваат во отвореното писмо професорките Ќулавкова, Силјановска-Давкова и Груевска-Маџоска.
OhridNews
извор: „Макфакс“