На иницијатива на пратениците од Охрид во Собранието на Република Македнија и координаторот на пратеницката група на ВМРО ДПМНЕ, Законот  за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион е вратен во процедура во Собранието на Република Македонија . Законот со оглед на тоа што ги мина сите експертски и комисиски филтри се очекува да биде изгласан во забрзана постапка.

Со овој Закон се уредува управувањето со природното и културното наследство и се уредуваат правата и обврските на државата , општините како и правните и физичките лица. Со цел да се извршат работите од овој закон ,согласно Законот се формира Комисија за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион како советодавно тело.

-Комисијата што треба да се формира, треба да дава мислење за состојбата, за спроведувањето на законите, за планирањето но и мислења поврзани со Просторните и урбанистичките планови во Охридскиот Регион . Тука го гледам најважниот момент ваквата Комисија да биде последниот филтер и да биде силна одбрана против урбаното деградирање на Охрид.  Таа Комисија мора најбрзо можно да се формира за да можеме преку институциите да се бориме за спас на Охрид и регионот од очигледното дисфункционално однесување кон него . Граѓаните веќе реагираат, доцниме но мораме по секоја цена да се обидеме институционално да ставиме ред за да се зачува барем она што преостана како природна и културна вредност, вели Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.

Согласно Законот при управувањето со Охридскиот регион ќе се применуваат најстроги мерки и стандарди со цел спречување на активности кои негативно влијаат врз исклучителните вредности на подрачјето . Државата и локалните власти се должни да превземаат мерки за заштита , конзервирање , популаризација и пренесување на наследството на идните генерации.

OhridNews