Музејот на вода Залив на коските кај Градиште најпосетуван локалитет и во 2022 година. Заклучно со ноември податоците од НУ Завод и Музеј Охрид говорат дека овој локалитет го посетиле 67.589 посетители, по него следува Самуилова Тврдина – 66.001 посетител, Музеј Робевци – 4.967 посетители и Галерија на икони – 1.245 посетители.

Според податоците најпосетуван е Музејот на вода Залив на коските –Градиште, каде оваа година презедовме големи санациони активност како на самата платформа со праисториските куќарки (се поправија сите подови, се реконстуираа сите печки и огништа, се реконструираа сите оштетени фасади на куќичките), така и во пропратните делови на комплексот, ги реновиравме тоалетите и хортикултурно е уреден целиот локалитет, вели директорката на установата Катерина Велкоска.

Во 2022 година, од страна на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј- Охрид, вели, со континуирана и голема посветеност на сите вработени се остварени проектите предвидени со Годишната програма на установата.

Меѓу позначајните реализирани проекти се „Археолошко доистражување и изработка на проект за конзервација на археолошкиот локалитет Плаошник Охрид“, што резултираше со отворање и презентирање на доцноантичкиот плоштад кој се наоѓа на локалитетот, кој е поплочен со камени плочи и мозаик во техника на оpus segmentatum, додека околу истиот беа отстранети неколку помали остатоци од градби, кои не можеа да формираат градбена целина и согласно тоа истата да биде реконструирана. На овој начин се доби јасна слика за изгледот на плоштадот во доцната антика. Планирани се понатамошни истражувања на плоштадот, кој во текот на средниот век, како и подоцна во текот на турското владеење е пробиен со отпадни јами, додава Велкоска.

Потенцира дека од страна на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, бил извршен конзерваторски надзор на Богословскиот факултет и манастирските конаци кои се наоѓаат на Плаошник, а веќе неколку години континуирано се работи и на локалитетот Самуилова тврдина каде изминатава година биле истражени околу 150 м2 и се открија комплекс на градби од доцноосманлискиот период, фрагменти керамика од глеѓосани зграфито чинии, лулиња монети и други предмети.

Се заврши и со првата фаза конзервација на фрескоживописот на црквата „Св. Богородица Болничка“, која е изградена во XIV век, додека живописот во истата датира од повеќе периоди и тоа од XVI, XVII век и од 1834 год. Се изврши фиксирање и стабилизирање на најранливите делови нападнати од влага и на фасадата на црквата и во внатрешноста на флескосликарството. За идната 2023 година се планира да се продолжи со истиот проект, вели Велкоска.

Како исклучително значаен и плоден проект за 2022 година го издвојува откупот на етнолошкиот предмет „Виолината на Климе Садило“, познатиот охридски трубадур, каде заедно се виолината влегуваат и гудало, како и футролата- кутијата за чување на истите, резервни жици за инструментот, резервно гудало и една плоча со музика од Балканот (издание од Бродвеј), како и неколку фотографии на познатиот охридски трубадур од тој период.

Самата виолина најпрво ќе биде подложена на детален преглед и конзервација, после што веќе размислуваме за најсоодветниот начин за нејзина презентација пред пошироката јавност. Кога сме кај етнолошките предмети, неизбежно е да се спомене и етнолошкиот предмет „Стар невестински ковчег“ кој датира од 1911 год., а кој е подарок за етнолошката збирка на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид од семејството Ангеличин, поточно од хроничарот на историјата на Охрид, Владимир Ангеличин-Жура, истакнува Велкоска.

Во рамки на музејското работење на установата, во областа на аудио-визуелните уметности во просториите наменети за изложби од времен крактер во Музејот Куќа на Робевци беа реализирани изложби на уметници кои оставиле од своите дела на изложбите за збирката на установата. Меѓу нив, Велкоска ги посочува Сокол Маркоски, Блаже Докуле, Трајче Чатмов, Башким Меџити, Мирко Вујисич, Лидија Вујисич и Сашо Блажес.

Но, особено ни е драго што има и луѓе кои како аманет го оставиле дарувањето за нашиот Музеј. Постхумно како донација добивме експресионистичка слика во поголем формат од бугарскиот автор Иван Михаилов Камберов, а како посредник е галеристот Љупчо Жупан. За напоменување е и историската изложба по повод 120 години од раѓањето и 65 години од смртта на Методија Андонов – Ченто, која заедно со НУ Завод и Музеј Прилеп ја одржавме во спомен куќата на Христо Узунов. За следната 2023 година повторно планираме бројни изложби. Интересно е што на тие изложби за прв пат ќе бидат изложени дела од збирката за современа уметност на установата. Моментално се работи на конзервација на дел од тие слики кои ќе ги изложуваме, вели Велкоска.

Меѓу реализираните проекти во 2022 година ги споменува и конзерваторско-реставраторски работи на архитектурата на ул. Партизанска бб на КП 2232 КО Струга или познат како објектот на Министерството за одбрана кој бил во многу лоша состојба досега и бил отстранет стариот и оштетен кров и поставен нов. Исто така, вели, биле преземени и санирачки активност врз надворешната дограма и кровот на објектите спомен куќа на Христо Узунов и музејот Куќа на Робевци, како и комплетна промена на осветлувањето во внатрешноста со нови штедливи светла.

НУ Завод и Музеј Охрид, вели има значајна улога и во реализација на летната школа, чии резултати и искуства се користат во секојдневното работење на установата.

За 2023 година имаме поднесено 34 проекти до Министерството за култура, кои од нив ќе бидат одобрени и реализира ќе видиме, додава Велкоска.

Н.С.Ј.