Заменик министерот за образование и наука Сафет Незири не можеше да поверува дека во 21 век во Македонија се одвива настава во крајно лоши услови како во африканските земји. Токму како такви ги оцени условите во подрачното основно училиште „Браќа Миладиновци“во Калишта, каде настава во крајно лоши услови следат 24 деца. При денешната посета на училиштето тој изрази благодарност до медиумите што го актуелизирале проблемот и најави брзо решение.

-Човек да се наежи од состојбата во која учат овие дечиња. Ова го нема на африканскиот континент, камо ли во Европа и ние ќе направиме се што е можно побрзо да изготвиме проект и да ја отпочнеме потребната процедура и да го внесеме ова училиште во програмата за изградба на нови училишта, изјави Незири.


До изградбата на ново училиште останува децата и натаму да учат во старата руинирана зграда, или Локалната самоуправа да обезбеди превоз за нив до најблиските училишта каде ќе можат да следат настава на мајчин јазик.

-Ќе се договориме заедно со родителите што и како понатаму, но ние навиваме за ново училиште, бидејќи, има темели и услови и ќе биде подобро да се изгради ново училиште отколку да се инвестира во старата зграда, истакна Џејми Хајредини раководител на Секторот за образование во општина Струга.



Родителите на учениците кои посетуваат настава во ОУ „Браќа Миладиновци“ се сомневаат дека ќе бидат исполнети дадените ветувања.

-Ние баравме реновирање тие велат нова зграда, ова е некаква игра да се затвори ова училиште и децата да ги однесат во Струга, рече Урим Јусуфи – родител.


– Ние нема да дозволиме нашите деца да излезат од ова село па макар и да не учат, додаде Менди Аљуш – родител.


Родителите очекуваат државата најитно да ги подобри условите за настава во Калишта, исто како што наоѓа средства за изградба на спортски терени и реализација на други проекти, кои, според нив, не се приоритетни како што е образованието и грижата за децата.

Горан Момироски