Во шеесеттата година од животот, по кратко боледување како последица на Ковид 19, денеска во Скопје, почина познатиот доктор-специјалист, ортопедски хирург и сестран уметник, Драган Спасески Охридски.

Драган Охридски беше исклучителен професионалец и почитуван во професијата, врвен интелектуалец. Автор е на бројни уметнички дела, кои биле излагани во земјата и странство, како и проза и поезија. Беше голем поддржувач на уметноста и уметниците, широко отворајќи ги вратите за уметничките души на неговата галерија „Резонанца“ каде се реализираа бројни изложби. Автор е и на повеќе уникатни ентериери на хотели и угостителски објекти, кои ги красат негови дела.

Минатата година со голем мултимедијален проект во црквата Св. Софија,  тој одбележа 30 години од неговата прва изложба во 1989 година. Замина прерано, а имаше уште многу да му даде на Охрид и на светот.

Мојата желба беше да го продолжам патот на Михаил и Евтихиј. Како пчела одам од цвет на цвет, собирам се што е најзначајно во цивилизациска смисла и ставам авторски печат на она што го создавам, без да ми биде важно дали тоа е трендовски или не е, дали се исплатува или не. Едноставно,  го следам  својот пат на духовното, на фантастичното во сликарството. – ќе рече во една прилика уметникот Драган Спасески Охридски.

 

Драган Спасески Охридски беше семеен човек. Зад себе остави сопруга и син.

Д-р Драган Спасески Охридски, ќе биде погребан утре во 13.30 часот на градските гробишта во Охрид, во согласност со ковид протоколите.

Семејството и операторот за погребални услуги „Мирен Сон“ упатуваат апел до граѓаните, поради актуелната здравствена состојба и ковид протоколите, сочувство да изразуваат по телефон или на социјалните мрежи .

Голем број од Вас ќе сакаат да му оддадат последна почит на покојниот па затоа Ви се обраќаме јавно со известување дека погребот ќе се изврши согласно протоколите за Ковид во кругот на потесното семејство. Семејството и операторот “Мирен Сон” Ве замолуваат вашето сочувство да го изразувате по телефон или на социјалните мрежи. – стои во апелот.

OhridNews