Малку повозрасните охриѓани веројатно со задоволство се сеќаваат на неповторливите журки од деведесеттите со Дуле и Коки во Охрид. Неделите беа резервирани за незаборавна забава со тогаш младите и нови момчиња на естрадата, добро музички образовани и потковани. Нивните забави во „Леб и сол“, култна кафетерија од тој период, од денски се претвораа во ноќни и обратно. Набрзо станаа миленици на охриѓани и долги години незаменлив дел од забавниот живот во градот.


Дуле (десно) во “Леб и сол“

Дуле и Коки не настапуваа на концерти (одржаа само еден на почетокот од минатата деценија), но беа мајстори за настапи во живо. Непосредни, шармантни, забавни. Коки со неговата виолина, а Дуле на гитара со својот специфичен глас. За жал Душан Љубисављевиќ – Дуле прерано го напушти овој свет. Почина вчера на Клиниката за токсикологија, каде бил примен во саботата во многу тешка здравствена состојба поради повеќе хронични заболувања.

Дуле веќе не е меѓу живите, но тој уште долго ќе живее во спомените на неколку генерации охриѓани кои ги врзуваат многу емоции за едно убаво време и забавите со Дуле и Коки.

Душан Љубисављевиќ – Дуле, ќе биде погребан денеска во Штип.

Колку треба да се плати

Ех да може цела тага
да ја собере во една песна
Ех да може судбината
да се претскаже со една ѕвезда
Ех да има љубов вечна
која не знае да прави болка
Ех да знаат бисерите
да не излезат од своја школка

Колку треба да се плати

за да биде денес вчера
Каде има божји врати да те скријат од невера
Колку треба да се плати
дали крајот има цена
што ќе биде, кој ќе сфати
ако утре те споменат

Ех да умре зборот збогум
да се закопа на некој остров
Ех да може судбината
да се претскаже со една ѕвезда

Колку треба да се плати
за да биде денес вчера
Каде има божји врати да те скријат од невера
Колку треба да се плати
дали крајот има цена
што ќе биде, кој ќе сфати
ако утре те споменат

Горан Момироски