Во големата сала на Општина Охрид, синоќа, со пригодна музичка програма започна 22. издание на Интернационалниот музички фестивал „Охридски бисери“. Покровител на музичкиот фестивал е Општина Охрид.
Во име на општината фестивалот за отворен го прогласи заменик градоначалникот Перчо Божиновски кој истакна дека за овој натпревар најдобро говори фактот што има 22 години непрекината традиција, традиција достојна за висока почит и признание.
Несомнено, Охрид како град со најголем број културни случувања е најсоодветниот за одржување на овој величествен настан. Па затоа поддршката на Локалната самоуправа не изостана и не смее да изостане и во иднина, бидејќи токму овој настан како бисер го надополнува бисеровиот гердан на градот. Нам, охриѓаните особено горди не прави тоа што градот продолжува да биде културен центар, а потврда за тоа е и денешното учество на младите уметници од целиот свет, рече Божиновски.
Додаде дека музиката нема географски граници, нема јазични бариери и нема расни поделби.
Тука јас би додал дека музиката ги надминува и јазичните бариери. Таа е универзална, а интерпретаторите припаѓаат на целиот свет. Деновиве, нека одекнуваат звуците на квалитетната музика и изведба и нека будат во нас чувство на среќа, додаде Божиноски.
Финалната вечер на Интернационалниот музички фестивал „Охридски бисери“ е во сабота, кога ќе бидат прогласени најдобрите изведувачи.
OhridNews













