„Нови сто корпи за отпадоци ќе бидат поставени на сите автобуски постојки, такси станици, детски игралиште и на пофрекфентните улици со пешаци низ Охрид.“ – изјави директорот на ЈП „Охридски Комуналец“, Сашо Алче, посочувајќи дека од вчера започна акцијата „Корпа на секоја улица“.
Со оваа акција, Охрид ќе стане првиот град во земјава, кој ќе има корпи за отпадоци долж сите улици. Како што истакна Алче, со специјално возило на претпријатието, секое попладне ќе се собира отпадот од овие објекти.
„Со ова ова возило, ќе се обиколуваат новите 100, однсно веќе поставени стотина корпи, од кои ќе се собира отпадот. Многу е важно граѓаните да знаат дека во нив не смее да се фрла отпадот од домаќинствата, затоа што тие се димензионирани да издржат околу еден ден на фрекфентните улици.“ – истакна Алче.
Како дел од предвидените активности, во наредниот месец „Комуналец“ ќе достави едукативни флаери како до граѓаните, така и до најмладите во училиштата, како треба правилно да се користат овие корпи.
Исто така, од сабота во Охрид продолжува реализацијата на проектот „Охрид-град на цвеќето“, а кружниот ток во централното градско подрачје ќе биде хортикултурно уреден.
„На кружниот ток ќе бидат засадени првите наши производи, односно цвеќа кои ние ги имаме произведено. Оваа година за разлика од минатата, ќе бидат посадени и други видови на цвеќе, а ќе биде опфатен поголем простор.“ – додаде директорот на ЈП „Охридски комуналец“, Сашо Алче.
За обновата на уништените дрвореди, Алче посочи дека посадени се околу 150 садници со дрва, од видот јасен.
„Најпрво ги заменивме сите уништени дрвореди, на улиците низ целиот град. Се разбира онаму каде дозволуваше ширината на тротоарот, посадивме околу 150 садници со јасен. Ова дрво има таква специфика, да нивниот корен нема да ги уништува тротоарите и подземните инсталации, а нивната крошна со добро обликување ќе даде добра сенка.“ – потенцира Алче.
Инаку, за идниот период предвидено е хортикултурно уредување на „Паркот на пријателството“.
O.T.