По повод Денот на планетата Земја 22-ри април, денеска во Охрид започна акција за собирање отпад од електрична и електронска опрема организирана од Секторот за урбанизам и заштита на животна средина при општина Охрид.
Јасминка Момироска од Одделението за животна средина при Секторот за урбанизам и заштита на животната средина во општина Охрид, истакна дека оваа традиционална акција ќе се спроведува три дена на две локации во градот, од 10 до 18 часот.
„И оваа година Секторот за урбанизам и заштита на животната средина во општина Охрид го одбележува 22-ри април, денот на планетата Земја со веќе традиционална акција за собирање отпад од електронска опрема. Акцијата ќе се спроведе во три дена и тоа на полигонот за мали спортови на ул. „Партизанска“ кај ресторан „Европа“ и просторот пред продавницата за акумулатори „АКУМА ТРЕЈД“ на ул. „15-ти Корпус“ бр.104 на патот за с. Лескоец.“ – истакна Момироска.
Од Секторот за урбанизам и заштита на животната средина ги повикуваат граѓани што имаат стара електронска опрема како комјутери, монитори, процесори, тастатура, глувчина и други мали апарати од домаќинството, да ги донесат на посочените локации и да се ослобат од опасниот отпад.
„На тој начин граѓаните ќе се ослободат од овој отпад кој всушност е опасен и не смее да се меша со останатиот комунален отпад, бидејќи забрането и казниво е да се фрла во контејнери. Нашето искуство пред две години беше позитивно, а одзивот беше голем. Собравме голема количина електронски отпад и се надевам дека така ќе биде и оваа година. Луѓето се навикнати на оваа акција, па уште пред да почнеме не прашуваа кога ќе се спроведе за да можат да ги донесат своите стари апарати.“ – додаде Момироска.
Со овој отпад, понатаму ќе постапува овластена фирма која има дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Ова е прав начин на управување со ваков вид на оптад. Подготвени сме да примиме се што ќе биде донесено. Имаме инфо дека поголеми количини има на другата локација која се наоѓа во индустриската зона.“ – вели Момироска.
Инаку, акцијата ќе се спроведе во три дена и тоа на 18, 19 и 20-ти април 2013 година од 10 до 18 часот.
О.Т.