Дефинирање на деловник за работа, донесување на програмски акти и прецизирање на идни планови, беа дел од темите на денешниот прв состанок на Советот на женско претприемништво на Охрид, кој беше формиран со одлука на Советот на општина Охрид на последната 24-та седница.

Членките на советот дефинираа и работна група која веќе следната седмица ќе биде ангажирана околу подготовката на Стратегија за поттикнување на женско претприемништво на ниво на општината, која ќе биде основа за сите наредни активности. Советот има за цел да ги поттикне и да ги поддржи жените претприемачи во општината, да дава препораки за прашања од интерес за поддршка на женското претприемништво и родовата рамноправност. Исто така, советот ќе гради политики за поддршка на жените претприемачи и женските права, со цел општествено и економско зајакнување на жените, информираат од Општина Охрид.

Истиот брои 16 членови од редот на советничките при Советот на Општина Охрид; жени претприемачи (актуелни и потенцијални); невработени жени од Општина Охрид; претставници на микро, мали и средни компании од општината; здруженија на граѓани-непрофитни организации и невладини организации за поддршка на бизнис секторот од Општина Охрид.

Советот за женско претприемништво е отворен за соработка и со други субјекти, кои по потреба ќе ги вклучува во својата работа при разгледување на одредени прашања и проблеми за кои е потребна дополнителна консултација и стручно советување, се додава во соопштението.

Членките на советот едногласно одлучиле за претседател на советот да биде избрана Сузана Наумоска, а за заменик претседател, Проф. д-р Устијана Речкоска.

OhridNews