Во Охрид четврта година по ред функционира државниот Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“. Како најмлада високобразовна институција и единствена специјализирана во областа на информатичките науки, УИНТ во краток период се најде меѓу првите пет универзитети во земјава.
Големата заинтерсираност за студиските програми на Универзитетот, наложи доградба на дел од постоечкиот објект, чија цел е овозможување подобри и поквалитетни услови за студентите и стручниот кадар.
„Со доградбата ќе се овозможат простории за настава и лаборатории за студентите, канцеларии за наставно научниот кадар и администрацијата на Универзитетот. Со оваа иницијатива, ќе се овозможат услови како за запишување на поголем број студенти, така и за вработување на реномирани професори на меѓународно ниво.“ – информираат од УИНТ:
Како што потенцираат од оваа висообразовна иснтитуција, планираната доградба би требало да се комплетира пред 15-ти септември оваа година.
„Доградбата на Универзитетот се врши со буџетски средства, од страна на компанијата „Виа“ ДОО Вевчани. Активностите за оваа изградба започнаа од неодамна, а се планира да завршат пред почетокот на наредбната учебна годнина.“ – истакнуваат од УИНТ.
Интересот за студии на охридскиот Универзитет, во изминатиов период е значително зголемен, земајќи предвид дека институцијата комбинира истражувачки и наставни практики актуелни во светот.
„УИНТ ангажира наставно-научен кадар кој доаѓа од земји како САД, Израел, Украина, Италија, Велика Британија и Иран, усвојувајќи го англискиот како официјален наставен јазик. Токму тоа, создава сериозна меѓународна конкурентност меѓу универзитетите од Европа и светот.“ – истакнуваат од оваа високообразовна институција.
17 отсто од вкупниот број лица кои студираат на УИНТ, се интернационални студенти. Тие имаат можност да се стекнат со високи перфоманси на разновидните триделни студии, како дел од петте факултети кои функционираат во рамките на Универзитетот.
„Само во студиската 2012/2013-та, во прва година запишани се околу 30 странски студенти кои доаѓаат од различни страни на светот. Меѓу понудените наставни програми се двегодишни студии за стекнување со сертификат и научен степен „Стручен соработник по информатичките науки и технологии“. Потоа тригодишни студии за „Дипломиран инженер по информатичките науки и технологии“ и четиригодишни студии за „Дипломиран универзитетски инженер по информатички науки и техноглогии.“ – потенцираат од државниот Универзитет „Св. Апостол Павле“.
Дел од студентите при Универзитетот, во изминатиов период покажаа високи перфоманси во своите области. Тројца од нив, на неколку наврати освоија први места на натпреварите ширум земјава, меѓу кој и светскиот хакатон WOWZAPP 2012 на Мајкрсофт.
„Студентите се најважниот ресурс на Универзитетот и ние како институција се обидуваме да генерираме ентузијазам кај нив, за да нивната љубопитност и креативност, секојдневно го подобруваат како реномето на УИНТ, така и образовно-научните процеси во Македонија.“ – вели проф. д-р Нинослав Марина, Ректор на Универзитетот.
Во планот за стратешко дејствување во тековната година, УИНТ предвидува реализација на бројни активности и настани.
„Следејќи ги последните светски трендови во ИТ, некои од нив се имплементација на нови наставни програми. Потоа развивање кампања за активирање на македонската академска дијаспора во подигнување на степенот на високото образование и научно истражувачката дејност, интеракција со меѓународни водечки академски и научни организации, како и бројни проекти од меѓународен карактер.“ – додаваат од УИНТ.
Кадрите кои ги продуцира најмладиот универзитет во Македонија се конкуретни не само во земјава, туку и во светот, посочуваат од УИНТ „Св. Апостол Павле“, кој постојано ги зголемува контактите и соработката со сродни институции во странство.
О.Т.