Екстерното тестирање за околу 190.000 ученици во основните и средните училишта во Македонија почнa денеска и ќе трае до 10-ти јуни.
Учениците ќе одговараат на над 3.000 прашања од повеќе предмети, кои на почетокот на мај беа објавени на интернет страницата на Државниот испитен центар, пренесува „Макфакс“.
На 28-ми мај беа објавени имињата на учениците и денот и часот кога ќе полагаат, а кој предмет ќе го полагаат ќе биде објавувано три дена пред полагањето. Резултатите ќе се објавуваат етапно, а предност и во полагањето и во добивањето на резултатите ќе им се даде на осмоодделенците, затоа што уписите за средно започнуваат на 23-ти јуни, односно на 18-ти јуни во Спортската академија.
До Министерството за образование и наука пристигнале 3.461 забелешка за прашањата, а како што информираше министерот Спиро Ристовски направена е соодветна корекција на истите.
Со екстерното тестирање ќе бидат опфатени вкупно 189.037 ученици од четврто одделение, до трета година во средно образование, како и 18.126 наставници во 680 средни и основни училишта. Тестирањето ќе ги следат 638 набљудувачи, а ќе бидат ангажирани 175 администратори.
OhridNews
извор:„Макфакс“