Во рамки на проектите финасирани од Светска банка чија изведба е во завршна фаза, вчера изведувачот АД „Илинден“ започна со изградба на испусниот дел од атмосферската канализација во населбата Воска. Со изградбата на овој објект се комплетираат работите предвидени со проектот за изградба на атмосферска канализација во овој дел од Охрид.
-Кон овој објект гравитациски се сливаат водите од новоизградената мрежа на атмосферска канализација во населбата Воска која беше изградена на улиците „Сатеска“, „Мича Гилиќ“ и „Трајче Трајчески“. Испусната градба ќе обезбеди акумулирање на атмосферските води, стабилизација на токот, нивно таложење и сепарација, по што истите безбедно ќе бидат испуштени во езерото. Со овој начин на собирање и третман на атмосферските води се обезбедува нивен предтретман со што се спречуваат сите можни негативни влијанија кои можат да ги предизвикаат при испуштање во езерото, информираат од општина Охрид.
Испусниот дел е предвиден да биде со должина од 6,5 метри, ширина 1,5 метри и длабочина од 1,5 метри додека таложењето ќе се извршува во три меѓусебно врзани комори. Темелењето на испусниот дел е на метални шипови кои се набиваат до длабочина од 4 метри со што се обезбедува стабилност на оваа армирано бетонска конструкција.
OhridNews