За девет месеци, пред рокот кој е една година, мулти-функционалниот стадион во Охрид ќе добие модерна трибина на источната страна, со капацитет од околу 1 000 гледачи. Со заградувањето на просторот на кој ќе се работи, започнаа градежните активности. Изведувачот на проектот „Енергоинвест“ преку својот претставник Ристе Миров, за OhridNews ги откри плановите околу изградбата на трибината.

Ги завршивме основните подготовки за да можеме непречено да работиме. Го заградивме просторот на кој ќе се работи и со геометрите го обележавме местото каде ќе се наоѓа трибината. Ископот го започнавме и се движи на некои 70 сантиметри, а треба да се симнеме на три метри. Мал проблем ќе ни прави водата, но и тоа ќе се реши со дополнителните ресурси кои ги имаме на располагање. – објасни Миров.

Тој додаде дека на трибината ќе се работи со голема динамика. Со оглед на интензитетот и темпото на работа,  Миров смета дека изградбата ќе заврши за девет месеци. Рокот е една година.

Нема да работиме во фази, туку динимчно, бидејќи работите доаѓаат една по друга. Мораше да завршиме со некои подготовки за да почнеме со работа. Во следниов период ќе треба да се тргнат постојните рефлектори на стадионот и да почнеме со други работи на тој дел. Мислам дека ќе завршиме пред рокот и трибината ќе биде готова за девет месеци. – потенцираше нашиот соговорник.

ЈП Билјанини Извори, апелираше сите кои се движат на тој дел од стадионот да бидат внимателни. На рекреативците кои ги користеа кошевите им порача да се префрлат на западната страна од стадионот каде што има игралиште со кошеви и голови за мал фудбал и ракомет.

Мх.П.