Со цел да се спречи еколошка катастрофа, започна изловување на рибниот фонд од Слатинското Езеро, каде во моментов има само уште околу еден метар вода, која продолжува да истекува низ оштетената земјена брана.
-Се соочуваме со еколошка катастрофа. Наместо да врие тука од спортски рибиоловци и да го развиваме рибниот туризам ние сме соочени со предизвик да го спасуваме рибниот фонд, но нашите апели до надлежните не вродија со плод и за жал сме приморани на овој чин.-изјави Радован Димитриески од СРД „Св. Апостол Петар“, концесионер на Слатинското Езеро.
Тој изрази надеж дека ваквата состојба нема да потрае долго и дека ќе се санира браната, бидејќи штета покрај концесионерот трпи и целата општина Дебрца.
Езерото е богато со риба од видовите крап, мрена, плашица, пастрмка, јагула, грунец… Со пореземената акција, концесионерот се надева дека преостанатиот рибен фонд во Слатинското Езеро ќе биде спасен, а направената штетатдополнително ќе се утврдува.
-Досега не е извршена сондажа на рибниот фонд, но ние очекуваме 5-10 тони риба да биде изловена од Слатинско Езеро, а колку ќе има останува да видиме бидејќи дел од рибата е угината во пукнатините од оштетената брана, така да не знаеме што се случува со рибниот фонд и едноставно сега ова ќе биде лов во матно. рече Димитриески.
Радован Димитриески – СРД „Св. Апостол Петар“
Како што е најавено, изловената риба во специјални садови со кислород ќе биде транспортирана и пуштена во реките во регионот и Требенишко Езеро, додека еден дел ќе биде пренесен во Хидробиолошкиот завод во Охрид, каде ќе остане додека не се санира оштетената брана, по што рибата ќе бидат вратена назад.
-Еднаш ова беше направено во 1994 година, кога исто така беше оштетена браната. Тогаш по санацијата беше изловен крап од Охридско Езеро кај Љубаништа и беше порибено Слатинско Езеро. За жал после 20 години се случува истото.-рече Трајче Талевски од Хидробиолошки завод Охрид.
Трајче Талески – Хидробиолошки завод Охрид
Опасност од уривање на браната во моментов нема бидејќи водостојот е речини на минимум и нема голем притисок врз неа, но сепак не се препорачува движење околу Слатинското Езеро. Се проценува дека преку оштетената брана, водата од акумулацијата целосно ќе истече за околу 15 дена, со што ќе се создадат услови за нејзина санација.
-Се надевам дека многу брзо од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се санира браната, односно да направиме една атракција каде ќе доаѓаат туристи кои ќе имаат што да видат, и што да им се понуди.-истакна Игор Трајковски-градоначалник на Дебрца.
Игор Трајкоски – градоначалник на општина Дебрца
Акумулацијата со примитивен земјен насип покрај селото Слатино е изградена во 1963 година. Таа акумулира околу 1.4 милиони кубни метри вода која се користи за наводнување на обработливото земјиште во општина Дебрца.