Рано утрово, во присуство на полиција, правни застапници и ангажирана механизација започна  постапката за извршувањето на имотот на ГП „Трудбеник“ покрај каналот Студенчишта, кој согласно решението од судот треба да го преземе компанијата „Фибула ер травел“.

Според договорот склучен со државата уште во 2011 година, на оваа локација „Фибула ер травел“ треба да изгради два луксузни хотели од типот на „Хилтон“, „Хајат“, или друг светски бренд, вели правниот застапник на компанијата Драган Коровешоски. Во изјава за медиумите, тој истакна дека причина што тие се уште не се изградени, се опструкциите од „Трудбеник“ преку бројните судски постапки поведени изминатите години.

  • На оваа локација се предвидени два хотели кои треба да бидат брендирани. „Фибула“ ги купи површините, за тоа приложи банкарски гаранции и веќе девет години низ судски лавиринти се обидува да го добие имотот кој го има добиено. Конечно предметите завршија, правосилна пресуда добивме за иселување. На должникот „Трудбеник“ му истече рокот за доброволно иселување и од тие причини бевме приморани да поведеме постапка за иселување како би се испразнале недвижностите и преземање во владение, што е неопходно за понатаму да почне постапката за утврдување на носивост на земјиштето и проектирање на хотелите. Не се работи за никакво насилно одземање или каприц, туку постапка за предавање на земјиштето на купецот, кој има обврска околу изградба на хотелите. – изјави Драган Коровешоски – адвокат на „Фибула ер травел“.

Купопродажбата на атрактивниот имот, за која е отворен предмет во Антикорупциската комисија, е извршена во период пред избори по цена многукукратно пониска од пазарната, во што се инволвирани високи функционери во министерството за транспорт и општина Охрид, обвинува првиот човек на „Трудбеник“ Ацо Спироски. Тој рече дека ГП „Трудбеник“ ќе ја почитува одлуката на судот и ќе ги напуштат просториите во кои е седиштето на фирмата, но дека низ судски процес, кој почнува утре, ќе ги докажат  изнесените сомневања за нерегуларниости во постапката за отуѓување на имотот.

  • Ова земјиште вреди милиони, а купено е за 20.000 евра, не само од „Трудбеник“, туку и земјиштето каде ќе се гради другиот хотел. Само нашето земјиште за кое се води постапка за приватизација има пазарна вредност од најмалку 4 милини евра. Тука има основано сомневање за корупција заради што? Па некој ако земе за ништо пари ќе му даде и на полицаецот и на судот и на некој друг.  – изјави  Ацо Спироски од ГП „Трудбеник“.

„Трудбеник“ смета дека извршувањето е преурането и очекува да се поништи договорот за купопродажба помеѓу општината и „Фибула“. Од компанијата уште обвинуваат за притисоци врз судот од страна на амбасади и високи функционери инволвирани во случајот, но се надеваат дека правниот систем ќе оддолее на секакви притисоци и ќе донесе праведна одлука.

Од „Фибула“, пак, велат дека купопродажбата на имотот во центарот на Охрид е извршена законски и транспарентно на јавно наддавање за кое нема постапка за поништување, а поведените судски спорови од страна на „Трудбеник“ се само за да се спречи купувачот да го добие во владение имотот каде во рок од две години треба да изгради два хотели.

Г.М.