Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд, Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, Организацијата на работодавачи на Македонија, Бизнис Конфедерацијата на Македонија и Меѓународната организација на трудот, ја започнаа кампањата за безбедност и здравје при работа во градежништвото под мотото “Гради безбедно”. 

Како што објаснуваат од министерството за труд и социјална политика, целта на кампањата е да се зголеми свеста за значењето на превентивните активности за безбедност и здравје на работниците во градежништвото, и да ја зголеми свеста кај работодавачите за подобрување на заштитата при работа.

Кампањата посебен акцент ќе стави врз работата на висина, на скелиња и на ископи, со оглед на тоа што анализите покажуваат дека најголем дел од несреќите се случуваат токму на овие работни места.

Како што најави министерот Спиро Ристовски, во наредниот период инспекторите ќе делуваат превентивно и ќе укажуваат на недостатоците коишто треба да се отстранат, по што ќе следуваат интензивни инспекциски надзори и ќе бидат казнети тие што го злоупотребуваат трудот на работниците, не обезбедувајќи ја соодветната заштита и грижа за здравјето на работниците.

Според официјалните податоци, минатата година во земјава се случиле 12  смртни случаи на работно место, од кои пет биле во секторот градежништво.

OhridNews