Со промоција на книгата „Масони од Македонија до 1990 година“ од Миле Д. Миќуновиќ и отворање на изложбата на слики од Петре Шутиноски вчера започна годинешното издание на Вевчанскиот карневал.
Според шестдневната програма, за денеска е предвидена промоција на книгата „Токму кај што треба“ од Крсте Шутиноски и изведба на монодрамата за Методија Андонов Ченто. Утре на 11-ти јануари КУД „Дримкол“ ќе настапи со своја концертна програма.
Главната музичка програма ќе се одржи на 12-ти и 13-ти јануари. На 12-ти јануари во 21 часот ќе настапи македонскиот бенд „Суперхикс“, а пред полноќ хрватскиот бенд „Прљаво казалиште“, кој во Вевчани ќе ги отпее своите најпознати хитови од 18 студиски изданија. Централниот настан е традиционалната карневалска поворка која ќе започне на 13 јануари околу 14 часот со парада на групите од Горно и Долно маало.
Дефилето во центарот на Вевчани ќе трае до 16 часот. За вечерта во 21 часот е предвидено да се одржи концерт на етногрупата „Љубојна“ со Вера Милошевска-Јосифовска и Оливер Јосифовски, а гостите на Вевчански карневал по 23 часот ќе ги забавува фолк-пејачката Елена Велевска. Старата нова година – Василица ќе биде пречекана со голем огномет што ќе трае три до пет минути.
Манифестацијата ќе заврши со традиционалното палење на маските на 14 јануари.
Од Локалната самоуправа на Вевчани очекуваат за време на карневалските денови општината да ја посетат преку 20.000 гости, а најавена е и новинарска екипа од Би-Би-Си.
Вевчанскиот е меѓу најпознатите карневали на Балканот кој се негува повеќе од 1400 години. Во деновите кога се слави доаѓањето на Старата нова година, Вевчани се претвора во голема отворена сцена, а настанот секоја година го посетуваат голем број гости од Македонија и од странство.
OhridNews













