Дебарско-кичевската епархија изобилува со православно културно наследство, а стручниот тим од ИКОМОС Македонија започна со теренските активности и со мониторинг на состојбата на црквите и манастирите во Охридскиот регион, информираат од ИКОМОС Македонија.

Развојот на црковниот живот по должината на брегот на Охридското Езеро, со својата верска архитектура, фрески и икони, сведочи за исклучителната вредност на овој религиозен и културен центар низ вековите, додаваат.

Информираат дека согласно проектот „Мониторинг на православното културно наследство“ теренските податоци од мониторингот ќе се прибираат според посебно креирана методологија базирана на најдобрите светски практики и препораки за мониторинг на културно наследство, а истите ќе се слеваат во специјално дизајнирана база на податоци која ќе биде виртуелно достапна за јавноста.

Мониторингот ќе биде спроведен од пет теренски тимови, составени од искусни архитекти-конзерватори, конзерватори на ѕидно сликарство, градежни инженери и сеизмолози, историчари на уметност, но и млади професионалци кои членуваат во ИКОМОС Македонија.

Воедно, врз основа на наодите од мониторингот, ИКОМОС Македонија ќе даде и препораки и насоки за потребните идни заштитни и превентивни интервенции.

Тимовите кои се вклучени во теренските активности во оваа фаза предвидено е да направат увид и проценка на актуелната состојба на 700 цркви и манастири во сите осум епархии на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија кои се на територијата на државата, додаваат од ИКОМОС Македонија.

OhridNews