Првиот школски час го означи стартот на новата учебна година. Училиштата повторно полни со ученици, меѓу кои највозбудени беа првоодделенците за кои во секое од основните училишта беа подготвени пригодни свечености на кои им се посака добар успех во школувањето и топло добредојде, како што рече директорката на ОУ „Григор Прличев“, Силвија Мојсоска, во нивниот втор дом.
– Ви го честитам почетокот и посакувам вака весело заедно да чекориме по патот на писменоста. Ќе ве водиме низ воспитно-образовниот процес со цел да стекнете трајни знаења со кои ќе можете да го градите вашето живеење, им се обрати на првоодделенците директорката Мојсоска која додаде дека првиот училишен ден е во знакот на зелената боја затоа што заложбите се ОУ „Григор Прличев“ да стане еко училиште.
Првачињата и нивните родители беа поздравени и од страна на градоначалникот Никола Бакрачески, кој потенцира дека новата локална власт во целост ја подржува владината програма „Знаењето е сила, знаењето е моќ“ и дека е подготвена во иднина да реализира уште многу проекти кои ќе овозможат подобрување на условите за одвивање на образовниот процес во општина Охрид.
– На првачињата им посакувам овој ден да им биде исполнет со многу радост и смеа и таквата позитивна енергија да ги следи до последниот училишен ден. Се надевам дека останатите ученици се одморија и со нетрпение очекуваа пак да седнат во училишните клупи. Образованието е континуиран процес и многу важен животен предизвик кој треба успешно да се совлада, бидејќи стекнатото знаење постојано ќе ве придружува низ животот, им порача на првачињата градоначалникот Бакрачески.
Првиот човек на градот, успех во новата учебна година им посака и на учениците во Електро-машинскиот училиштен центар „Свети Наум Охридски“,како и на учениците во новото село во Ливоишта.
OhridNews