Ракометната репрезентација на Македонија денеска го имаше првичниот собир во хотелот „Континентал“, со што беше означен почетокот на подготовките за ЕП 2012 што од 15 јануари ќе се одржи во Србија. На самиот старт од подготовките во просториите на РФМ беше одржана прес-конференција, на која што селекторот Звонко Шундовски и неколку ракометари ги искажаа своите очекувања во пресрет на големото натпреварување.

 

„Денеска го имаме првиот собир, а веќе утре тргнуваме на десетдневни подготовки на Златибор. Овој период ќе го искористиме за ракометарите да се подготват што подобро на физички план, но и за воигрување на тактички план. На Златибор ќе одиграме еден контролен меч со Црна Гора, кој што ќе биде од затворен карактер и ќе ни биде добра можност да согледаме и да корегираме некои работи во нашата игра. Се враќаме во Македонија на 30 декември, а по два дена пауза, на почетокот од 2012 ги стартуваме финалните подговки. Здравствениот билтен е добар, со исклучок на повредата на Мите Стоилов поради која што нашиот ракометар веќе е опериран и нема да може да настапи на ЕП“ – соопшти селекторот Шундовски.

 

Најискусниот македонски репрезентативец, Стевче Алушовски, истакна дека ракометарите се свесни за очекувањата од нив.

 

„Свесни сме за она што јавноста го очекува од нас, верувајте дека и самите посакуваме историски успех, учество на Олимписките Игри. Можам да ветам дека на секој меч ќе дадеме 150% од своите сили, се со желба да постигнеме добар резултат. За таков успех на едно големо натпреварување потребно е да се поклопат многу работи, да имаме добри подготовки и да немаме проблеми со повредите. Нема потреба од дополнителни притисоци, дека нешто едноставно мора да се оствари, самите сме свесни што треба да сториме и ќе работиме напорно за да ја реализираме таа цел“ – истакна Алушовски.

 

Филип Миркуловски изјави дека најпрвин погледите треба да се насочат кон минување на првиот круг на натпревари, па дури потоа да се размислува за повисоки дострели.

 

„Ова Европско Првенство ќе се обидеме да стигнеме до голем успех, ќе го прикажеме најдоброто од себе. Сепак, треба да одиме чекор по чекор, најважно е да ја минеме првата рунда и да патуваме за Белград, таму веќе се ќе биде возможно“ – прокоментира одличниот плејмејкер на Металург и на македонскиот национален тим.

 

извор “Екипа“

Ohridnews