АД МЕПСО на веб страната на Бирото за јавни набавки објави оглас за доделување на договор за јавна набавка, изработка на физибилити студија и мастер план за развој и изградба на скијачки центар на планината Јабланица, преку јавно приватно партнерство.
– Предмет на договорот за јавна набавка се архитектонски услуги; инженерски услуги и интегрални инженерски услуги; услуги за просторно планирање и инженерски услуги за уредување на земјиштето; поврзани научни и технички советодавни услуги; услуги за технички испитувања и анализа, информираат од локалната самоуправа на општина Вевчани.
Со тоа е направен првиот чекор за реализација на проектот за изградба на скијачки терени кои како што неодамна за Охридњус изјави градоначалникот на општина Вевчани ќе донесат голем број гости во општината во зимскиот период.
– Скијачките терени би се изградиле кај двете езера , кај врвот Црн камен, каде има прекрасни површини и снег до месец мај. Во вевчани престојуваа и претставници од Македонскиот центар за меѓународна соработка, кои беа воодушевени од локацијата. Најпрво се пристапува кон изработка на проект, а потоа ќе се бараат инвеститори. Ќе направиме поубави скијачки терени и од оние во Банско, изјави Угриноски.
Скијачките терени и жичара на планината Јабланица ќе се градат на 2000 метри надморска височина.
Т.К.