Започна реконструкција на улиците во старото градско јадро во Струга.  Близу 18 милиони денари, средства од националниот буџет, како и од Општина Струга, се вложени во реконструкцијата на пет улици во старото градско јадро, со што значајно ќе се подобри достапноста до атрактивните локации за домашните и странски посетители информираат од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.

Согласно изработената техничка документација предвидено е на улиците „27 Март“, „Браќа Миладиновци“, „Нико Нестор“, „Гоце Делчев“ и „Димитар Влахов“ да бидат отстранети камените блокови со цел да се изврши поставување на нова водоводна инсталација, како и мрежи на ЕВН и Македонски Телеком, велат.

Потоа, додаваат од Центарот за развој на Југозападниот плански регион, кој е носител на проектот во партнерство со Општина Струга, ќе биде извршено набивање на тлото и поставување на бетонска подлога со мрежна арматура, врз која ќе бидат положени исчистените камени блокови, карактеристични за овој дел од градот.

Должината на петте улици што се предмет на реконструкција е скоро 600 метри, со околу 3.600 метри квадратни, при што со реконструкцијата значајно ќе подобрат условите за одвивање на сообраќајот и за пешачење низ стариот дел на Струга. Исто така, се очекува да се подобри снабдувањето со вода за пиење бидејќи, паралелно, ќе биде положена и нова водоводна мрежа во иста должина, потенцираат.

Реконструкцијата на улиците се дел од проектот „Поддршка на регионалниот економски развој преку туризмот, културата и другите економски дејности“, што го имплементира Центарот за развој на Југозападниот плански регион, одобрен од страна на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, а работи ги изведуваат фирмите „Транс АГ“ и „Маркоски К73“.

OhridNews