Екипа на специјализирана градежна компанија потпомогната од нуркачки тим на Дирекцијата за зашитата и спасување, нешто по 17 часот отпочна сложена операција за зголемување на капацитетот на испусниот канал на Слатинското Езеро.
Со компресор, хилта и друг алат, тие успеаа да направат отвор широк еден метар во бетонската преливница на испусниот канал, а се прават напори за отворање на уште еден.
Како што информираат стручните лица, на овој начин двојно ќе се зголеми испуштањето на вода од акумулацијата во споредба со главниот вентил во езерото, кој поради големиот талог не можеше да се отвори.
Очекувањата се дека со забрзаното празнење на акумулацијата низ испустниот канал, ќе се намали притисокот врз оштетената земјена брана чија состојба од час во час се влошува.
Надлежните се надеваат дека ќе ја добијат трката со времето и со преземените активности ќе се стабилизира свлечиштето на браната и нема да дојде до нејзино уривање, што ќе предизвика неконтролирано излевање на езерото и поплавување на големи површини обработливо земјоделско земјиште и имоти на луѓето во околните села.
OhridNews