Децата од предучилишна возраст кои живеат во населбата „Радојца Новичиќ“ во иднина ќе можат да се згрижуваат во предучилишната група, која денеска беше отворена во основното училиште „Кочо Рацин“, а ќе функционира во рамки на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов кој присутвуваше на свеченото отворање на просториите, во кои ќе работи оваа предучилшна група, рече дека општина Охрид е вистински пример како треба да се работи во насока на опремување и зголемување на капацитетите и правење на систем за достапност на детските градинки во сите населени места.
-Ова претставува трет ваков проект кој се реализира во текот на изминатиот период во општина Охрид. Ова нема да биде последниот објект што ќе се отвори како група во други просторни услови, односно ќе се продолжи и понатаму со низа активности за во најскоро време и во Пештани да биде отворена ваква група, со што дополнително ќе се зголеми капацитетот, ќе се подобрат условите и ќе се создадат можности за повеќе родители да можат да ги задоволат своите потреби за згрижување на децата, рече Спасов.
Тој истакна дека во текот на измината година на ниво на цела Македонија биле отворени вкупно 10 градинки и 2 центри за ран детски развој.
Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески рече дека отварањето на оваа градинка е дел од општинската стратегија за обезбедување на услови за ран детски развој и овозможување на еден адекватен воспитно образовен процес на претшколската популација.
-Со отварање на овој објект на некој начин ги продолжуваме нашите напори за обезбедување на вакви просторни услови во непосредна близина на оние периферни населби или населени маста во Охрид. Со ова на некој начин им ги приближуваме овие услови на родителите кои во денешниов свет на динамичен и забрзан развој и тоа како имаат потреба од обезбедување на вакви услови за воспитно образовен процес на нивните деца, рече Бакрачески.
Просториите во кои ќе работи предучилишната група се опремени со средства од УНИЦЕФ, во рамки на програмата „Првите пет се најважни на свет“.
Е.М












