А.Д. МЕПСО и Албанскиот електропреносен систем оператор ОСТ денеска склучија Меморандум за разбирање, со што ги започнува подготвителните работи за изградба на нов 400 кВ далновод меѓу Република Македонија и Република Албанија на коридорот Битола-Елбасан. Првиот билатерален договор во историјата на електропреносните систем оператори на двете држави го потпишаа Дејан Бошковски, генералниот директор на АД МЕПСО и Сокол Рамадани, генералниот директор на ОСТ, денеска во Охрид.  

Со овој договор се уредуваат правата, обврските и активностите на двете компании во изработката на Студијата за оправданост (Физибилити студија) за изградба на 400 кВ далновод меѓу двете држави на коридорот Битола (Р.Македонија) и Елбасан (Р.Албанија). Изработката на Студијата за оправданост на 400 кВ далновод Битола-Елбасан ќе биде основен документ со кој ќе се потврдува оправданоста на изградбата на овој далновод по што ќе може двете компании да бараат кредити за изградба на првото електроенергетско поврзување меѓу Република Македонија и Република Албанија, информираше Никола Стојанов, портпарол на МЕПСО.

– Овој далновод е мошне значаен, бидејќи ќе ги поврзе две земји, а преку електоенергетските системи ќе се поврземе и со Црна Гора и Италија. Дополнително овој проект ќе значи зголемување на капацитетот на преносната мрежа на АД МЕПСО, со што ќе се намали опасноста од испади во мрежата, истакна Стојанов. Тој посочи дека вредноста на проектот според првичните проценки на македонска страна ќе чини околу 20 милиони евра.


Изработката на физбилити студијата ќе биде финансирана со донација од WBIF (Инвестициска рамка за Западен Балкан), целосно финансиски поддржана од Европската банка за обнова и развој, за што се планирани 650.000 евра. Овој проект вклучува изработка на студија за оправданост на инвестицијата и студии за влијанието врз животната средина од изградбата на далноводот на териториите на двете држави.

– Изградбата на овој далекувод е мошне значаен за двете земји бидејќи ќе биде еден интерконективејн далекувод ќе ја подобри и зголеми моќноста на преносот на електрична енергија, истакна Сокол Рамадани, генерален директор на ОСТ.

Предвидено е овој проект да биде изработен во период од една година откако ќе биде усвоена Проектната задача за проектот од страна на МЕПСО, ОСТ и донаторот ЕБОР. Електроенергетското поврзување со Република Албанија е еден од врвните приоритети на АД МЕПСО заради значењето на коридорот 8. Новото електроенергетско поврзување ќе биде од големо значење заради тоа што преку електроенергетските системи на АЛбанија и Црна Гора ќе се поврземе и со електроенергетскиот систем на Република Италија. Дополнително овој проект ќе значи зголемување на капацитетот на преносната мрежа на АД МЕПСО, а воедно поврзувањето ќе значи намалување на опасноста од испади и зголемување на нивото на доверливост и сигурноста на македонскиот електроенергетски систем.

OhridNews