Под мотото „ 150 години хуманитарна акција“, активностите во рамки на Неделата на Црвениот крст започнаа со Инфо ден, прием во седиштето на организацијата, при што сите заинтересирани , преку промотивни материјалии и презентации од страна на волонтерите имаа можност да се запознаат со мисијата на движењето и активностите.
– Општинскиот Црвен крст е еден од најактивните организации кои континуирано им помага на ранливите категории граѓани и врши едукација. Лобираме и до институциите и државата за нивно што поактивно вклучување во помагањето на граѓаните. Можам да кажам дека охриѓани се навистина хумани и постојано се вклучуваат во акциите кои ги организираме, а ние се обидуваме помошта секогаш да стигне на правото место, вели потпретседателот на општинскиот Црвен крст, Весна Терзиоска.
Во Центарот за култура беше отворена и втората изложба на Арс Вивенди Клубот на уметници во рамки на Црвен крст Охрид, а викендов предвидена е и крводарителска акција, натпревар по прва помош, а организирана е и планинарска тура до врвот Магаро и хуманитарен перфоманс со младите волонтери.
8- ми мај се одбележува во чест на роденденот на големиот хуманист Анри Динан, основоположник на идејата за движењето на Црвениот крст во кое се вклучени над 187 земји во целиот свет и над 110 милиони волонтери.