Екипи на Заводот и Музеј Охрид, денеска започнаа со истражувања на два археолошки локалитети во Љубанишко поле.

 

Според археолошките показатели на теренот, во атарот на селото Љубаништа приоритет за истражување имаат две локации со остатоци од градежни структури. Едната е именувана како „Раица“, лоцирана на источниот крак од планинскиот опфат, во близината на автокампот Љубаништа. Со сондажните археолошки истражувања во седумдесетите години на минатиот век евидентиран е ранохристијански црковен објект со поден мозаик, кој во релација со откриените сакрални објекти на Плаошник, Манчевци и Чобановци – во централното градско подрачје на Охрид, Студенчишта и Св. Еразмо, лоцирани на двата спротивни влеза во Охрид, може да се каже дека датира од V – VI век. Тоа е времето кога Лихнидус (Охрид) претставувал значаен епископски центар во ранохристијанската екумена.-информираат од Завод и Музеј.
 
Со оглед на тоа што самата локација се наоѓа во близина на бронзенодопската палафитна населба во Заливот на коските, археолозите очекуваат материјални докази со постара хронологија.

Истражувањето и соодветниот третман на локалитетот „Раица“ би претставувал значаен придонес во археолошката карта на Охридскиот регион, Република Македонија, како и во рамките на светско културно наследство.-сметаат во охридскиот Завод и Музеј. 

Втората археолошка локација е во близина на источниот пристап на комплексот Св. Наум. Таму биле евидентирани остатоци од средновековната црква Св. Богородица. 

Истражувачките активности на овие две локации се неопходна етапа во изработка на Заштитно-конзерваторските основи за Урбанистичко-планската документација на Туристичката развојна зона „Љубаништа“, КО Љубаништа – Општина Охрид, кои се спроведуваат во согласност со Министерството за култура на Република Македонија. За таа цел издвоени се средства во висина од 300.000 денари.-велат до Завод и Музеј.

Истражувањето на посочените археолошки локалитети се од исклучитено научно и историско значење, дотолку повеќе што просторот кај Љубанишко поле се спомнува во амбициозните планови на индискиот бизнисмен Субрата Рој кој таму сака да гради луксузен туристички комплекс. 

Горан Момироски