На јавен тендер е обезбедена фирма којашто ќе изготви урбанистички проект и проект за затворање на депонијата Буково. Следната недела треба да се направат истражување за да се изготви проектот. Ова беше посочено на денешната четиринаесетта седница на Советот на Општина Охрид.

Избран е најповолниот понудувач и веќе е започната постапката за изработка на урбанистички проект и започната е фазата и треба да се добијат сега услови за планирање на самиот проект. Во однос на основниот проект требаше минатата недела да се започне со бушење за да се добијат потребните анализи од самата депонија, но заради ситуацијата следната недела ќе биде тоа извршено, беше посочено од општинските служби.

Како Јавно претпријатие се соочуваме со проблеми со настанување на пожарите на депонијата, дали биле подметнати, дали настаниле со самозапалување, рече директорот на ЈП Охридски Комуналец, Сашо Најдески.

Какo Јавно претпријатие уште од 2022 година презедовме чекори за обезбедување на земја за истата да се покрива, односно да се покриваат жариштата на депонијата. Во оваа година рекордно количина на земја имаме однесено заедно со Општина Охрид околу 8.000 метри кубни. Моментално ќе се потпише уште еден договор за носење на уште околу 3 до 4.000 метри кубни земја. ​Тоа што како Јавно претпријатие го презедовме, Управниот одбор на Јавното претпријатие донесе одлука за сите правни лица коишто имаат ископи или потреба да ја користат депонијата Мауцкер за депонирање на градежен шут и земја, да ја користат депонијата Буково без да плаќаат надоместок за тоа, додаде Најдески.

​На почеток на седницата советничката Лидија Неданоска побара дополнување на дневниот ред со точка под наслов „Разгледување на моменталната состојба со депонијата Буково“.

Сведоци сме сите денови поназад, ноќе дури почнавме да се будиме од смрдеата од Буково. Па сметам дека редно е веќе и овде ние како советници сите заедно да поразговараме, да продискутираме сѐ со цел изнаоѓање на побрзо решение како би се дислоцирала депонијата побрзо во што е можно најбрз рок, бидејќи ова навистина веќе не се трпи и е децениски проблем за градот, рече Неданоска.

Секретарот Александар Китески посочи дека на денешната седница нема присутни претставници од животна средина, инспекторат, и од Фондот, за да се вметне точката на Дневен ред, но се подготвени да закажат посебна седница доколку има потреба, иако Општина Охрид, потенцираше, презема активности околу депонијата Буково.

Тековно се преземаат мерки околу депонијата Буково, не е точно дека не се презема ништо. ​Така да, доколку сметате за потребно да имаме дали би било седница на Совет или би била некоја средба овде во Општината каде што ќе бидат присутни и советници од опoзицијата, советници од власта, немаме ништо против. Меѓутоа сметам дека денес на оваа седница не можеме да расправаме за тоа, додаде Китески.

Н.С.Ј.