Во Финска, Романија, Израел и во Турција утре ќе започне 42. Европско првенство во кошарка. На Евробаскетот ќе учествуваат 24 репрезентации, меѓу нив ја нема Македонија, која учествуваше на претходните четири континентални првенства. Титулата ја брани репрезентацијата на Шпанија.

Ниту една репрезентација на Евробаскетот нема да настапи во најсилен состав, голем број кошаркари го откажаа учеството поради повреди или поради тоа што решија да го прескокнат ЕП.

Најмногу проблеми во составувањето на тимот имаше селекторот на олимпискиот вицешампион Србија. Селекторот Александар Ѓорѓевиќ остана без најдобриот играч Милош Теодосиќ, НБА-ѕвездите Никола Јокиќ и Немања Бјелица, а во текот на подготовките поради повреди, отпаднаа Марко Симоновиќ, Мирослав Радуљица, Никола Калиниќ, Немања Недовиќ.

Шпанија, според прогнозите најголемиот фаворит за титулата, ќе биде без Никола Миротиќ, Серж Ибака и Серхио Љуљ.

Хрватска се надева дека на ова ЕП ќе може да го прекине проклетството и по 22 години да освои медал, но селекторот Александар Петровиќ остана без услугите на тројца квалитетни млади играчи, кои кариерата ја градат во НБА-лигата: Марио Хезоња, Ивица Зубац и Анте Жижиќ.

Франција по повеќе години нема да биде предводена од Тони Паркер, кој минатото лето стави крај на репрезентативната кариера, а голем хендикеп за селекторот Венсан Коле е откажувањето на Николас Батум и Руди Гобер.

Турција ќе биде домаќин на натпреварите во Д-групата и на самата завршница, но Евробаскетот ќе го пропуштат Енес Кантер, Омер Ашик и одличниот крилен играч Ерсна Иљасова.

Грците имаа големи амбиции, но патот до освојување медал ќе им биде далеку потежок без првата ѕвезда Јанис Адетокумбо, кој во последен момент во договор со клубот го откажа настапот.

Хендикепирана е и Италија, во чии редови ќе ги нема поранешниот прв пик на НБА-драфтот Андреа Барњани и НБА-играчот Данило Галинари.

Од фаворитите за медал комплетна е само селекцијата на Литванија, која на последното ЕП го освои сребрениот медал. Литванците во своите редови ги имаат своите најдобри играчи кои ги предводи центарот на Торонто репторс, Јонас Валанчиунас.

Европското првенство ќе заврши на 17 септември. Првата фаза, која почнува утре, ќе заврши на 7 септември, а два дена подоцна ќе почне нокаут-рундата, во која пласман ќе изборат најдобрите четири селекции од секоја група.

OhridNews