Вечерва во 21 часот ќе започне првото полуфинале на 57. издание на Евросонг. Европското музичко шоу, кое ќе се одржува на гламурозната сцена во „Кристалната сала“ во Баку, Азербејџан, ќе го проследат 23 илјади гледачи.

Евросонгот ќе стартува со претставникот на Црна Гора, Рамбо Амадеус, а заедно со него во првото полуфинале ќе се натпреваруваат 18 изведувачи. Според обложувачниците, најмногу шанси да влезат во финале имаат „Бурановските бабушки“ од Русија, како и претставниците на Исланд, Белгија, Грција, Литванија, Кипар, Финска и Израел.

Нашата Калиопи со  “Црно и бело” ќе настапи втора по ред во втората полуфинална вечер , во четврток. Калиопи ќе пее на македонски јазик и со песната дело на Ромео Грил ќе се обиде да ја внесе Македонија во големото финале, закажано за сабота.

Ова е најскапото европско музичко шоу досега со рекорден буџет од 50 милиони евра и се очекува да биде најспектакуларното издание досега. Според најавите на организаторот, трите евровизиски вечери ќе бидат запаметени по сценскиот дизајн и перформансите. Водители на настанот ќе бидат Елдар Гасимов, кој во дует со Нигар победи минатата година на Евросонг, и телевизиските презентерки Наргиз Берк – Петерсон и Лејла Алиева.

OhridNews